Зоран Заев е првиот премиер на Република Македонија што го погазил народот!

Уште пред 30ти септември и историскиот референдум пишував дека неуспехот на истиот ќе биде само првата битка, големата борба следи. Јасно беше дека референдумот ќе падне, но исто така јасно дека Заев и СДСМ ќе продолжат со замислената идеја – да го сменат името на Република Македонија. Еве не сега, недела дена подоцна, токму таму, во битката.

Владата, која дојде на власт рушејќу режим, сега јасно покажува што значи РЕЖИМ. Дури ни Груевски во своите најлуди денови, кога имаше мнозинство пратеници во Собранието на Р. Македонија (63) не влечеше волку автократски потези. Не дека нешто го фалам, но ваков режим Македонија досега не видела. Никој, во овие 27 години, апсолутно НИКОЈ, не се осмелил од позиција на власт  да оди директно против оние кои му дале моќ, да оди против народот. Зоран Заев е првиот. Тој е првиот премиер на Македонија кој самиот реши кого ќе брои, а кого нема. Законот е јасен и референдумот официјално паднат, но премиерот без срам кажува дека се бројат само оние кои излегле на гласање. И додека денеска има поддршка од своите фанови, ме интересира кој ќе биде нивниот став, ако утре некоја друга влада реши да не ги брои гласовите на оние кои гласале за СДСМ на некои наредни избори. БОЈКОТОТ е став и тоа легитимен! Референдумот е уреден со закон и нема тука простор за свои желби! 36.5% не се доволни, без разлика како се изјасниле! ТОЛКУ! Секое различно толкување од ова е намерно кршење на законот и одење против ЈАСНАТА волја на мнозинството од народот! Ова не се избори и секоја споредба на бројки од минати парламентарни или претседателски избори е беспредметна! За РЕФЕРЕНДУМОТ законот е ЈАСЕН! 50% излезност или ништо! Исто така јасно е дека референдумската одлука, во овој случај, важечка останува онаа од референдумот во 1991 година, може да се смени САМО со НОВ РЕФЕРЕНДУМ! Собранието нема право да ја прегази или да ја менува! Без разлика дали 60, 80 или сите 120 дигнат рака, притиснат копче, тајно напишат под маса, одлуката е ТАА од референдумот во 1991 година. Но, ете човекот кој побара камшикар, реши самиот да го земе камшикот во раце и да носи одлуки во име на целиот Макеоднски народ и сите други народи што живеат на ова парче земја. Еден ден ќе му се врати, но до тој ден, борбата ќе биде тешка.

По самиот референдум и киселите фаци на лидерите на СДСМ, владата продолжува да го турка договорот со Грција, па денеска достави предлог кон измена на уставот на Република Македонија до Собранието. (Целиот предлог го имате ТУКА.) Седницата е веќе закажана на 16ти Октомври, а засега е непознато дали Заев „убедил“ 8 пратеници од опозицијата да го дадат својот глас за промена на името на државата. До 16ти нема да знаеме, па затоа ќе се задржам на кратка анализа на понудените НЕЦЕЛОСНИ измени на уставот што ги предлага владата.

 ДОДАВАЊЕ НА ПРИДАВКАТА СЕВЕРНА ВО ИМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Не бе другари, не е додавање, МЕНУВАЊЕ Е! Менување на името на Република Македонија!!! Јасно ми е дека Зоки и другарите не сакаат да го употребат вистинскиот термин, затоа што знаат каква гадост прават. Додавање придавка на името Република Македонија, значи менување на истото, посебно што во договорот со Грција јасно пишува дека ние понатаму нема да смееме да го користиме името Република Македоија. Ако беше „само“ придавка, ќе се оставеше простор ние да ја користиме кога сакаме, но НЕМА простор за избор! Ние секогаш и секаде ќе си ја носиме „придавката“ и таа секогаш ќе биде стои пред Македонија. МЕНУВАЊЕ на име по секоја можна дефиниција!

ИЗМЕНИ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ

Во овој дел од предлогот на владата кој се однесува на преамбулата на уставот се вели:

„...ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки.“

Звучи убаво. Премногу убаво за да е вистина. Веќе погодувате, НЕ Е ВИСТИНА!!! Не постојат никакви шанси Грција да го дозволи ова. Зошто? Еве дел од прогласот на АСНОМ:

„МАКЕДОНЦИ ПОД БУГАРИЈА И ГРЦИЈА

Обединението на целиот македонски народ зависи од вашето участие во гигантскиот антифашистички фронт. Само со борба против подлиот фашиски окупатор ќе го спечелите правото на самоопределуење и обединение на целиот македонски народ под покровот на Титова Југославија, која стана слободна заедница на слободни и равноправни народи. Нека борбата на македонскиот пиемонт ве одушеви за посмела борба против фашискиот поробувач! Нека патот на овој дел на Македонија стане и ваш пат, оти само тој води кон слободата и обединението на целиот македонски народ! Нека вашето участие во свеошптата антифашиска борба им даде живот на принципите прокламирани на првото македонско Народно собрание и нека ги збрише искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец.“ (Извор)

Мислам дека не треба да објаснувам повеќе за вторава точка. Јансо е дека владата на Заев повторно лаже!

ПОЦВРСТА ГАРАНЦИЈА НА ГРАНИЦАТА

Во овој член од предлогот за промена на уставот (член 3), нема ништо спорно, освен можеби потребата истиот да се менува. Со сите досегашни глупости на оваа влада, искуството не учи дека и тука ќе има некоја промена во неочекуван правец. Но, од засега понуденото, нема проблем.

ГРИЖА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ И ДИЈАСПОРАТА ВО СТРАНСТВО

Во предлогот за промена чланот 49 од сутавот на Република Македонија се предлага следново:

„Со уставниот амандман кој се предлага ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина.“

На прв поглед изгледа речиси исто со сегашниот текст од уставот, но има разлика. Мала разлика во текстот значи голема разлика во праксата, а тоа од владата многу добро го знаат. Сега во уставот стои:

„Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. “

Разликите на појасно:

Устав сега: Макеоднија ќе се ГРИЖИ

Промена: Македонија ќе ДЕКЛАРИРА ГРИЖА

Устав сега: Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Промена: ..без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина.“

Знаќи ќе ДЕКЛАРИРА, со други зборови ќе покажува грижа. Нема да се ГРИЖИ, туку ете ќе покажува грижа, но нема да се меша во внатрешните работи (тоа е и сега така) ВО БИЛО КАКВА ФОРМА и ЗАРАДИ БИЛО КАКВА ПРИЧИНА. Значи, ако утре некоја држава (не мора Грција), каде живеат Македонци, реши да ги убие сите нив, Македонија може само да ДЕКЛАРИРА грижа! Со прост пример, Заев ќе изрази жал! ТОЛКУ! Тоа е декларативно! Не  е практично, не е реално, туку декларативно! Не е битна причината, Македонија нема да има право во никаква ФОРМА да се меша во внатрешната работа на една држава. А убиство на свои граѓани е секако внатрешна работа, па Македонија може само да жали! Наједноставно кажано, со прости зборови, Македонија се откажува од својот народ надвор од државата. Дома го преименува,  надвор го нема.

Дали сето ова ќе пројде, ќе зависи најпрво од ВМРО ДПМНЕ и нивните пратеници. Секој од нив ќе треба да донесе лична одлука. Јасно е дека Мицкоски ниту имал, ниту ќе има моќ во партијата. Всушност затоа е тој лидер. Ако ДПМНЕ попушти, ситуацијата ќе биде значително влошена. Тогаш името, идентиетот и достоинтсвото ќе може да го брани само Иванов и тоа до завршување на неговиот мандат или импичмент. Потоа целата тежина ќе падне на народот. На сите нас кои бојкотиравме и јасно кажавме дека сме против договорот со Грција. Ако ДПМНЕ истрае и не изгласа уставни промени, тогаш следуваат избори, на кои народот повторно ќе реши. Реалноста е дека во никаков случај СДСМ со сите албански партии нема да успее да собере 80 пратеници, но за тоа кога ќе дојде време. Сега го чекаме 16ти Октомрви и тестот на интегритет на пратениците од ВМРО ДМНЕ.

Се читаме наскоро, Пацифит

Коментари

Популарно