Демант од Влада: Финансираме лубриканти, бидејќи тие ја намалуваат можноста кондомот да се скине

Засе.мк денеска објави дека владата распишала тендер за набавка на лубриканти за ЛГБТ здруженијата, а како извор на статија го наведовме Лидер.ком.мк. До нас пред малку стигна демант од владата на Република Македонија, кој во целост ви го пренесуваме.

Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка во врска со ХИВ најстрого ја осудува објавата со наслов „Бизарно: Владата финансира набавка на лубриканти – распишан тендер!“ во електронскиот медиум lider.com.mk (управител и раководител Љупче Златев), објавена и на други портали, која изобилува со невистини, како и тенденциозни, партиско-политички мотивирани и стигматизирачки наводи.

Медиумот ја дезинформира јавноста со тврдењето дека „лубрикантите немаат никаква врска со заштита од ХИВ вирусот“. Напротив, лубрикантите претставуваат основно средство за превенција и од нив зависи ефективноста на кондомите, бидејќи тие ја намалуваат можноста кондомот да се скине. Светската здравствена организација препорачува дека кондомите како средство за превенција ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да се промовираат и направат достапни заедно со лубриканти, со цел успешна превенција на ХИВ за клучните популации засегнати од овој вирус.

Ја информираме јавноста дека во Република Македонија, лубрикантите се дел од основниот пакет за превенција, во согласност со светските стандарди пропишани од Програмата за СИДА на Обединетите нации (УНАИДС) уште од 2005 година. Во таа насока лубриканти се набавуваат во континуитет од страна на Министерството за здравство повеќе од 12 години наназад и се дел од сите национални стратегии за ХИВ на Република Македонија.

Во објавата грубо се менуваат факти, со тоа што за пакувања со количество од 3 до 5 мл (кои служат за еднократна употреба) се тврди дека се шишиња, и покрај тоа што медиумот се повикува на самата тендерска документација во која прашањето е прецизно специфицирано.

Неточно е и тврдењето дека оваа година е евидентирано енормно зголемување на трошењето за оваа програма, која лани се финансирала со 11 милиони денари. Имено, во последните 5 години трошењето во рамките на Програмата за ХИВ на годишно ниво се движело од 116 милиони денари во 2014 година до 150 милиони денари во 2016 година, додека мината година изнесувало 65,4 милиони денари.

Во објавата се користи партиско-политички мотивиран и стигматизирачки јазик. На пр. „Набавувач е ова здружение кое е непознато на пошироката јавност, а со парите кои ги има добиено од Владата ќе ги “подмачкува“ хомосексуалците и лезбејките од Скопје“. Здружението ЕГАЛ е долгогодишен имплементатор на програми за ХИВ уште од 2008 година, како дел од националната стратегија и програма. Во таа смисла зачудени сме што еден современ електронски медиум како lider.com.mk, кој е близок на ЛГБТ заедницата, не е запознаен со основните, универзални и докажани алатки за превенција на преносот на ХИВ по сексуален пат и си дозволува за истите да дезинформира и да придонесе за стигматизација на ЛГБТ заедницата. Дополнително, стигматизација се врши и на граѓанскиот сектор кој повеќе од една деценија спроведува теренски програми за тешко-достапни популации.

Истакнуваме дека програмите за превенција на ХИВ кај клучните засегнати популации се во континуитет поддржани од сите влади од 2004 г. до денес, преку Министерството за здравство. Во периодот од 2005-2017 г. тие беа кофинансирани од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а почнувајќи од 2018 година се целосно финансирани од националниот буџет во согласност со преземените обврски на државата. Од минатата година Република Македонија е препознаена од Светската здравствена организација и други релевантни чинители како земја пример во регионот и пошироко за успешно одржување на програмите за превенција од ХИВ и партнерство помеѓу институциите и граѓанскиот сектор.

Предупредуваме дека неодговорното и тенденциозно известување за ова социјално и јавно-здравствено прашање сериозно и наштетува на превенцијата на ХИВ кај сите граѓани, а особено ранливите групи.

Граѓанската платформа за ХИВ бара од електронскиот медиум lider.com.mk веднаш да ја отстрани во целост заведувачката содржина и да го објави нашиот демант. Во спротивно ќе ги употребиме сите законски механизми што ни стојат на располагање за санкционирање на ваквото дезинформирање на јавноста и наштетување на програмите од јавен интерес.

Коментари

Популарно