Во стационарот Вардариште нема веќе слободни места

За решавање на проблемот со кучиња скитници-Долги биле процедурите , велат градските власти. Стационарот „Вардариште“ има капацитет за стотина кучиња, а на улиците низ Скопје има илјадници бездомни кучиња. Невладините прават кампањи, а периодов почна и бесплатно чипирање.

На една од најфреквентните улици во Скопје секојдневно луѓето минуваат со претпазливост. Почнувајќи од 07 часот наутро, глутница кучињат се на улица „Македонија“ и градскиот плоштад барајќи храна. Истовремено, нервозно лаат по граѓани и се затрчуваат кон возила и велосипедисти, бранејќи ја својата територија. Оваа непријатна ситуација во центарот на градот ја затекнуваат и туристите, кои пак кучињата редовно ги следат. Познатата глутница во центарот на градот не е единствен случај на скопските улици. Некогаш се случуваат немили настани каснување од куче, но и граѓани кои сакаат да ги затрујат кучињата.

Проблемот е долгогодишен и комплексен

Градските власти велат дека се работи на решавање на состојбата со бездомните кучиња, меѓутоа процедурите се долги.

„Секоја идеја е добродојдена. Не е лесно да се справува со ваков проблем. Градот постојано бара решенија за долготрајни стационари за чување на кучиња. Значи, се трудиме да најдеме начин како поголем број на кучиња може да стационираме на подолго време каде што би можеле и да им обезбедиме услови за живот и да не бидат веќе на улиците. Како што знаете, стационарот „Вардариште“ не е фарма за животни скитници каде што градот може да ги чува кучињата, значи таму должни сме во најдолг рок од 30 дена да ги вратиме на местото каде што се заловени“, истакна Ваљон Салихиу, портпарол на градската самоуправа.

Дополнително, истакнуваат дека е потребно време за да се реши ситуацијата затоа што проблемот одамна постои.

„Ситуацијата е ваква, бидејќи сме имале тотална негрижа и неодговорност. Значи, кучињата не дојдоа од вчера, но реално не можеме да ги гледаме работите така, не можеш да го решиш проблемот на едно подрачје, бидејќи кучиња се во прашање. Значи можеш да заловиш куче, да го однесеш во стационар и да го пуштиш на друго место, пак ќе се врати на истото место. Пак ќе се навратам на работите што ги кажав порано, одиме по некои принципи со кои ќе се видат резултати на подолг рок“, изјави портпаролот Салихиу кој додаде дека состојбата е веќе затекната и долг период требало да дојде до оваа затоа нема брз начин преку кој би можеле веднаш да видиме резултати.

Од почетокот на оваа година веќе има заловено околу 700 кучиња и истите се третирани по истиот принцип - залови, стерилизирај и врати на место. Засега во Скопје функционира стационарот „Вардариште“, кој има капацитет да смести околу 100-тина кучиња, но низ скопските улици има илјадници бездомни кучиња. Стационарот нема капацитет за задржување на кучињата повеќе од 30 дена.

Се очекува легализација на „Вардариште“

Објектот на стационарот се уште е дивоградба, но од градот велат дека се очекува наскоро да заврши процедурата што ја спроведуваат со општина Гази Баба.

„Град Скопје во соработка со општина Гази Баба работи интензивно и е во завршна фаза легализацијата на објектот и по завршување на овој процес ќе може да започнат и инвестициите на проектот за реконструкција и изградба на новиот објект. Градот одвои околу 10 милиони денари да обезбеди буџет за оваа година. Значи овие се некои така, ако може да се рече, краткорочни мерки “, изјави Ваљон Салихиу, портпарол на градската самоуправа, додавајќи дека набавиле ново возило за заловување и транспорт на бездомните кучиња во стационарот Вардариште.

Претходно, од стационарот „Вардариште“ истакнаа и друга ситуација со која се појавуваат нови незаловени и непроверени кучиња.

„Она што е проблем можеби на улиците е масовната миграција на животните, село-град на пример, која што е позабелижлива во зимскиот период, од тие причини ние не можеме да бидеме никогаш сигурни колку животни во моментот се присутни на улиците од тие причини се јавуваат кучиња кои што се без ушна маркичка“, изјави Ана Марија Бранѓолица, портпарол на скопското претпријатие „Комунална хигиена“, под чија надлежност е „Вардариште“.

Тие деновиве започнаа кампања за вдомување миленик, а не купување.

Коментари

Популарно