Центарфорот кој го сруши Ливерпул: Од селски фудбалер и антиталент до ѕвезда во ЛШ!

Милан Павков го живее својот сон откако синоќа со два гола го урна големиот Ливерпул, петкратниот европски првак и актуелен европски вицешампион, туркајќи ги во екстаза навивачите на белградска Црвена Звезда за историската прва победа на српската гордост во Лигата на шампионите.

Утрово низ Србија меѓу навивачите на црвено-белите, Павков е топ-тема, а тешко некој дека можеше да предвиди и претпостави дека „селскиот фудбалер“ и анти-талентот ќе успее да го урне големиот Ливерпул во најелитното европско натпреварување. Приказната за Павков е како холивудска приказна, зошто и најголемите оптимисти се сомневаа во неговиот квалитет, но... Од синоќа овој фудбалер го слават, па дури крстија и слава „Павковден“.

Младиот и висок напаѓач кариерата ја почнал во Нови Сад, но клубот се откажал од него зошто бил – антиталент. Роден е во Бегеч.

„Павков ја мина комплетната школа во Нови Сад, како младинец играше како последен играч за врска и тој не сакаше да си замине од клубот, ама клубот се откажа од него. Проценија дека нема перспектива. Го дадоа на заем во Бачка Петровец (аматерски клуб во Војводина – н.з.), а таму почна да дава голови и да игра напаѓач“, вели Драган Ивановиќ, кој работел со Павков и му бил како „втор татко“.

Првиот трансфер Павков го направил на бензинска пумпа и тоа помеѓу родниот Бегеч и Нови Сад.

„Среќа моја е што Бегеч и Челарево се близу. Се сеќавам на таа пумпа, кога дојде во друштво на неговиот татко. Се согласи да потпише за Челарево и веќе на првиот меч даде два гола. Ѝ ги даде на Бачка Паланка, баш такви како со Ливерпул. Павков не научи да игра фудбал и да дава голови кај Гаге, туку тоа го носеше со себе. Беше роден шпиц. Но, тој нагло порасна и мораше да работи на физичката подготовка. Беше слаб, а левата нога ич не ја користеше и со помош на еден ѕид работев со него за да ја усовршува. Првата сезона на ЧСК ја одигра пеколно – даде 20 гола. Потоа го препорачаа на Војводина, ама таму не му одеше. Некако рано му беше и потоа замина во Раднички“, додава Ивановиќ.

Момчето родено во 1994 година играше во Раднички, кога во најголемата криза со долг од 40 милиони евра, Црвена Звезда дојде да го купи и тоа за 300.000 евра. Беше тоа трансфер за кој сите се чудеа. Ем Звезда пред банкрот, ем толку пари за некој кој е тотален анонимус, како човек кој изгледа како работиник во стовариште. Уште повеќе, Павков за Раднички постигна само пет гола.

Доаѓањето во Звезда му беше остварување на сон, ама и огромен товар на градите. Во првите три месеци одигра вкупно само шест минути, па почнаа сеирите на сметка на белградскиот гигант и на сметка на Павков.

„Го имаме најскапиот звездаш во историјата, Смешен играч, кој по минута нè чини 50 илјади евра“, беа само дел од реакциите.

Сите се смееа и на изјавите на тогашниот директор Звездан Терзиќ за Павков.

„Ако не го земевме сега ќе вредеше два милиони евра. Не сакавме да го изгубиме. Дечкото има неверојатни физички предизпозиции, треба да се бруси зошто Звезда не е лесна. Ако сега го изгубиме, кој ќе биде нова 'деветка'. Ме прашуваа дали со Павков можеме до титула? Кога барам играч се прашувам дали тој е инвестицијата или јамка за титула. Мора да го имаш и едното и другото. Мора да се балансира“, велеше Терзиќ, а сите му се смееа.

Павков заврши на заем во Раднички да се доразвие и минатата сезона даде 23 гола, што ги убеди сите на „Маракана“ дека е зрел да добие втора шанса. И беше „вечно“ во сенка на скапите засилувања, иако неговото влегување во Салзбург дополнително ја размрда црвено-црната армија за од 0-2 да стигне до 2-2 и на крај да се радува на пласманот во ЛШ. Во квалификациите и по трнливиот пат за пласман во елитата беше само еднаш стартер, не даде ниту еден гол, а во првенството во кое Ц. Звезда има 14 победи од 15 меча погоди петпати против најслабите екипи.

„Кога тој ќе влезе во игра, секогаш нешто се менува. Способен е да го промени цел тек на мечот“, вели Митар Мркела, спортскиот директор на Звезда.

И откако почна елитното друштво и дебито на белградскиот великан, Павков во три меча собра само 50 минути. Се до синоќа кога блесна. Даде два гола и тоа на вториот најскап светски голман. Му даде еден со глава, па еден од преку 20 метри. А вреди само 1,25 милиони евра. Веројатно таа цена сега ќе скокне барем петпати повеќе. Павков урна екипа, која вреди 522 милиони евра или 417,6 пати повеќе од неговата вредност.

Сега Павков го живее сонот, како суперѕвезда во Лигата на шампионите, нешто за кое веројатно не ни сонувал дека така брзо ќе го оствари.

Коментари

Популарно