Доколку ви значи името, уставот, идентитетот, демократијата - „битка“ ќе има

Демократија или соборност е општествено уредување каде што врховната моќ му е дадена на народот и се извршува непосредно преку него или преку негови избрани претставници во услови на слободен изборен систем. Така вели дефиницијата, но реалноста е сосема поинаква.

Зборот демократија го слушаме секојдневно, бидејќи е единственото општествено уредување оправдано од светот и уредување кое го користат најбогатите и најмоќните држави на планетава. „Владеење на народот“, звучи убаво, но дали е така и што кога не е?

Еве уште една дефиниција: Референдумот претставува најзначајна и најраспространета институција на непосредната демократија во светот. Најзначајна!!! Што ако владата и собранието не го послушаат изјаснувањето на народот? Тоа не е предвидено во уставот, бидејќи уставотоврецот не помислил дека е можно на власт да дојде таква гарнитура која ќе оди против одлуката на својот народ, но и поради тоа што нема кој да превземе нешто против владата и собранието. Нема таква институција! Останува само народот! Да, може уставниот суд да ја бутне одлуката донесена од Собранието, но веќе е јасно дека и таа институција тргна против она што треба да го штити - уставот. Уставните судии повеќе од 2 години не се изјаснуваат за уставноста на СЈО и Пржинскиот договор, а дозволија сложено и тросмислено прашање да се појави на референдум. Нема институција во Македонија која си ја работи работата како што треба. Остана само народот, но без владеењето. Како да си го вратиме?

Можам сега да објаснувам на темава од историски апсект и примери од други државни, но тоа само ќе го развлече текстот, а поентата ќе биде иста. Секогаш и секаде, кога народот сакал да си го врати владеењето во своите раце излегувал на улица! Толку! Нема тука некои сложени дефининиции, социјални варијабли или друг пат. Јасно е се, освен можеби зошто нема народ на улица?

1. Народот е задоволен од Преспанскиот договор и менувањето на уставот и идентитетот на Македонците. Можеби и на народот потајно му пречат одлуките на АСНОМ во преамбулата на уставот, па сега сака место нив да стои „прогласот“. Можеби сите сакаме Рамковниот договор да стои рамен со АСНОМ, иако нема никаква врска со конституирање на Р.Македонија. Можеби и не ни пречи што нашата историја ќе почнува од СФРЈ и „одлуката“ на Тито „да ни даде држава“.

2. Народот е незадоволен, ама веќе не му е гајле. 27 години политичари (кои сами си ги гласавме) не доведоа до состојба на апатија и не направија себични. Сега само сопствената полза ни е важна, додека општественото добро и одговорноста за истото ги чувствуваме како терет.

3. Народот е сериозно незадоволен, но нема лидер кого би го следел. Над 5 века Турско ропство, безброј страдења на сите Македонци кои се дигнале против османлиите. Две страшни Балкански војни, две светски војни и комунизмот во СФРЈ го земаа данокот. Пишував пред неколку месеци дека Македонија денеска не може да роди нов Гоце Делчев, а дури и да се појави, нема да стигне далеку во хиреархијата на моќ во државава. Македонецот стана Македонче, а секој што барем малку ќе биде различен ќе биде обоен како националист, тврдокорен, заостанат.

Реалноста е дека над 600.000 граѓани гласаа за промена на името на Р. Македонија. Сериозна бројка, но ни од далеку доволна. Реалноста е дека пред тоа гласање владата ветуваше дека АСНОМ нема да се чепка од преамбулата, ама ете се шалеле. Дали бројката ќе беше дури и помала, ако Заев ги објавеше „нацрт амандманите“ за промена на уставот пред референдумот, можеме само да нагаѓаме, но сега тоа е неважно. Реалноста е дека референдумот падна, а вољата на мнозинството граѓани се гази. Реалноста е дека нема опозиција која ќе застане пред народот и ќе го сопре менувањето на македонскиот идентитет, туку имаме опозија што ќе ќарува политички поени за следните избори. Реалноста е дека сме оставени сами на себе, без лидер! Но, реалноста е дека владеењето на државата, иако одземено од нас, е само наше! Колку и да сме апатични, исплашени, потрошени, само еден помасовен, мирен протест, со барем 10.000-20.000 луѓе на улица, ќе ја смени играта во корен. Затоа не се откажувајте. Доколку ви значи името, уставот, идентитетот, демократијата... „битка“ ќе има, а се што вие треба да направите е да се појавите. Сега без Делчев, Сандански, без Карев и Гули, без големи лидери и славни војводи. Сами, но сплотени, бранејќи го своето, во име на нашата, но и на следните генерации.

„Никогаш Северна, секогаш Македонија“!!!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно