Медицинска сестра претепана на КАРИЛ

Медицинска сестра од Ургентинот центар вработена на КАРИЛ била претепана ноќеска по 2 часот, од роднина на пациент кој починал. Од ударите таа се здобила со тешки телесни повреди, а добила и закани по живот. Министерот за здравство, Венко Филипче, го осуди инцидентот и побара од МВР полицајци да обезбедуваат дел од клиниките.

„Министерството сочувствува со болката на блиските на пациентот, но осудува било какво насилство врз медицински персонал кој секојдневно се бори за животот на овие пациенти сместени на КАРИЛ, имајќи во предвид дека станува збор за пациенти кои се во сериозна и животозагрозувачка состојба“, соопштуваат од Министерството за здравство.

Министерот Венко Филипче вели дека насилството не е начин на кој треба да комуницираат лекар и пациент.

„Се сочувствуваме со состојбата на лицата кои претрпеле загуба, но го осудувам настанот и секој обид за насилство. Со министерот  за внатрешни работа Оливер Спасовски, сме во координација, со што многу скоро, ќе добиеме помош и заштита од полицијата“, изјави министерот Филипче.

Директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова, вели дека вакви инциденти често се случуваат. Според неа, роднините на пациентите не смеат правдата да ја земаат во свои раце. Мојсова вели дека никој не може да ја извршува својата работа ако добива закани, а влезната врата на КАРИЛ не е во функција поради насилните упади на дел од роднините на пациентите.

Министерот Оливер Спасовски уште ноќеска по 2 часот, кога се случил инцидентот, бил запознаен со истиот. Предлогот на министерство за здравство е да се воведе полициско обезбедување на клиниките за гинекологија, детски болести, заедно со КАРИЛ и Ургентинот центар.

Коментари

Популарно