Воспитувачка и две негувателки во градинката во Ново Лисиче казнети парично зашто затворале деца во шкафчиња

Воспитувачка и две негувателки од градинката „Буба мара“ во Ново Лисиче, кои минатиот месец беа обвинети од страна на мајка дека нејзиното тригодишно девојче било малтретирано и плашено дека ќе биде затворано во шкаф, се казнети со парична казна.

Директорката на градинката, Елена Устамитова, ни испрати соопштение во кое се вели:

„По спроведување на дисциплинската постапка (земање изјави од обвинетите, увид во изјавите дадени од родителите на другите деца од групата, нормите утврдени во Протоколот за постапување во случај на настанат инцидент во градинката и член 148 од Законот за заштита на децата) констатирано е дека именуваните сториле повреда според Законот за заштита на деца и член 4 од Протоколот на градинката, за што им е изречена дисциплинска мерка – парична казна.

Во соопштението стои дека на 27 септември е поднесена изјава од Маја Георгиева-Павловска, родител на дете кое е згрижено во ЈУДГ „Буба мара“, дека претходниот ден нејзиното дете е „вратено расплакано, било удрено по глава, а во континуитет било психички малтретирано“ од страна на воспитувачот и две негувателки одговорни за таа група.

Директорката информира дека имала разговор со родителот, одговорните работници и други вработени, а на 10 и 12 октомври е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Инспекторите укажале што треба да преземе градинката.

– Постапувајќи по укажувањата, свикавме вонреден родителски состанок за таа група, се формира дисциплинска комисија која ја испита целата ситуација, свикавме совет на негуватели и воспитувачи за повторно на сите даватели на услуга да им се укаже за работните обврски и на кодексот на однесување. Од страна на родителите од таа група беше изнесено дека никој нема забелешка на воспитното и згрижувачкото работење на посочените вработени и само иницијативно секој поединечно даде изјава за работењето во групата – вели директорката.

На 1 ноември, пишува во соопштението, е извршен повторен надзор од страна на инспекцијата од МТСП, која констатирала дека е постапено по укажувањата, за што е донесен и заклучок дека постапката се запира.

Мајката Марија Георгиева-Павловски борбата за да докаже дека нејзиното дете се соочува со стравови и трауми поради несоодветниот однос на негувателките ја водеше цел месец.

Таа добила известување од Министерството за труд и социјална политика во кое стои: „Формирана е комисија која ги разгледа сите изјави во врска со настанот, разговараше со инволвираните вработени и се констатира дека дека вработените сториле повреда на работните обврски и правила на работење, па согласно член 148 од Законот за заштита на децата, им се изрече дисциплинска мерка – парична казна“.

Целата статија на Деца.мк

Коментари

Популарно