Елтон Џон сподели приказна од последните денови на Фреди Меркјури

"Bohemian Rhapsody" ги освојува гледачите ширум светот, а Фреди Меркјури е повторно во центарот на вниманието.

Животот на легендарниот пејач влијаел на многу луѓе, а неговиот близок пријател Елтон Џон во својата книга "Love is the Cure: On Life, Loss, and the End of AIDS" споделил детали од неговите последни денови. 

Сер Елтон Џон во книгата од 2012 година говори за трагичните настани кои довеле до смртта на Меркјури, по што истакнал колку била несебична оваа рок легенда. Џон вели дека Меркјури, иако знаел дека умира, и понатаму пробувал да им помогне на другите колку што можел.

"Фреди никогаш јавно не призна дека боледува од сида се до денот пред смртта во 1991 година. Иако беше "електричен" на сцена, надвор од неа не оддаваше многу приватни детали. Но, Фреди ми призна дека е болен веднаш откако беше дијагностициран во 1987 година. Бев скршен. Видов што таа болест им стори на многу мои пријатели, а знаев што точно ќе му стори и на Фреди... како што знаеше и тој. Знаеше дека смртта, болната смрт доаѓа. Но, беше храбар. Го одржуваше својот имиџ, продолжи да настапува со "Queen" и остана великодушна личност каква што отсекогаш беше.

Кон доцните 80-ти и раните 90-ти години, Фреди пропаѓаше, тоа беше премногу за една личност. Ми се скрши срцето кога видов колку болеста му го опустошила животот. На крајот телото му беше прекриено со Капосиев сарком, злокобен тумор. Беше речиси слеп и преслаб за да може да стои на нозе.

Беше фер да ги помине последните денови, грижејќи се за сопствената удобност. Но, тоа не беше тој. Навистина живееше за другите. Фреди почина на 24-ти ноември 1991 година и неколку недели по погребот се уште тагував. На Божиќ дознав дека тој го оставил последниот доказ за својата несебичност. Тагував кога еден пријател се појави на мојата врата и ми донесе нешто замотано во навлака од перница. Внатре се наоѓаше сликата на еден од моите омилени уметници, британскиот сликар Хенри Скот Туке, со порака од Фреди. Години претходно, јас и тој смисливме прекари за себе, јас бев Шерон, а тој Мелина. Во неговата порака пишуваше: "Драга Шерон, мислам дека ова би ти се допаѓало. Со љубов, Мелина. Среќен Божиќ".

Бев преплавен со емоции, имав 44 години и плачев како дете. Тој прекрасен човек во своите последни денови некако успеал да пронајде прекрасен божиќен подарок за мене. Колку и да беше тажен тој момент, често се сеќавам на него кога размислувам за Фреди бидејќи таа постапка го одразува неговиот карактер. Тоа ме потсетува што го правеше толку посебен во животот", напишал Елтон Џон.

Коментари

Популарно