Името, идентиетот и историјата, носети ги, само Груевски не го чепкајте!

Тринаесети Ноември, денот на ослободување на Скопје од фашистите и денот кога Никола Груевски побегна од Македонија. Имаше и уште нешто друго врзано со датумов, ама ете не ми текнува сега.

13ти Ноември, денот кога бугарските и германски нацисти го напуштија Скопје, а на улиците на денеска главниот град со гордост парадираа партизаните. Оние кои неколку години живееја и делуваа по планини, против многу посилниот противник, славеа со светот и народот во Скопје. Не дека го победија големиот окупатор, но беа дел од победниците во најкрвавата војна што историјата ја памети.

13ти Ноември, денот кога како и Германците, Бугарите и Никола Груевски ја напушти Македонија. Груевски владееше подолго со Македонија од нацистите, а на крајот заврши неславно како нив. Човекот кој сакаше да биде запишан како најголемиот премиер на Македонија избга од татковината, токму кога битката се разгорува. Се предаде исто како што ја предаде и премиерската позиција, како што го потпиша пржинскиот договор... без борба и без жртви. Не се сите родени за партизани.

13ти Ноември, денот кога сите зборуваат за екс премиерот и неговото бегство, но има и нешто друго поврзано со датумов. 13ти Ноември и месеците, годините наназад, во Македонија се работи на промена на името и идентитетот. Издржување на затворска казна на Груевски или неговото бегство, никогаш нема да го промени тоа. Во историјата некаде со мали букви ќе пишува за Никола и неговото бегство, но промената на историјата, името и идентитето ќе се учи како главна лекција. Верувајте, нема да бидеме запомнети како генерација која го преживеала владеењето на Груевски, туку како генерација која го загубила единственото нешто за што се бореле сите пред нас. Сето ова денеска и изминативе денови, циркузот со проверување на возилата пред штабот на ВМРО ДПМНЕ е само цртан филм што треба да го оттргне вниманието од она што се случува во собранието на Р. Македонија. Додека ние се смееме на „продажбата на мерцедес С500, заради заминување во странство“, таму се продава нешто што не сме го заработиле ние, туку генерации пред нас, со многу крв.

Додека јавноста се потсмева на Грујо, ние го губиме македонското во нас. Пратениците ги усвоија нацрт амандманите за промена на уставот, одлуките на АСНОМ летаат од уставот, а рамковниот договор од 2001 година станува конститутивен дел од државноста на Македонија. По новиот устав АСНОМци и Илинденци се бореле за Северна Македонија, а Бугарија едвај чека да почне да брише во нашите учебници по историја. Малцинство никаде немаме, но тоа што избегал Груевски е веста! Пред Собрание секој ден протестира една мала група против смената на името, но пред некој ден пред судот за Груевски се собра солидна бројка на луѓе! Која е пораката? Името, идентиетот и историјата, носети ги, само Груевски не го чепкајте? Ете побегна човекот на безбедно, сега што? Мирно ли ќе спиете? Навистина не можам да разберам како е можно по се што минавме во овие 27 години, а посебно последниве 3-4 години, народот во Македонија сеуште да е под наредба на политичките партии. Зарем има меѓу вас луѓе кои сеуште им веруваат на политичарите? Не ли ни беше доволно? Сериозно луѓе, не ви е јасно дека е истиот политичар на власт веќе 27 години? Да, имиња и ликови се менуваат, но шемата е иста. Кради, дели тендери, билдај администрација за гласови на избори, заканувај се, зароби ги медиумите, слушај ги странците само кога твојот живот е во прашање и ЛАЖИ ЛАЖИ ЛАЖИ!!! Или не им верувате, но ги следите затоа што ви ветиле лична корист? Фино тоа, може и ќе го исполнат ветувањето, ама нема држава ако народот не го интересира општественото добро. Нема правна, функционална држава од општество опортунисти. Не оди едното со другото. Ако мислите само на себе, тогаш и не ни треба името, не ја залужуваме историјата, а идентитетот секако ни е променет. Сами одлучуваме, секој за себе. Секој сам ќе мора сам да ја плати цената на својот избор.

Тринаесети Ноември, денот на ослободување на Скопје од фашистите и денот кога Никола Груевски побегна од Македонија. Нема повеќе партизани на улиците по Скопје, а наскоро ќе го избришеме нивните одлуки и од уставот. Ќе се простиме и од Илинденци и секој еден Македонец од историјата богата со окупации и крвави војни. Ќе остане само бегството на „лидерот“ кој сакаше да биде запишан како најголемиот, но генерациите ќе го помнат како првиот премиер кој побегнал од татковината кога требало да се бори за неа.

Тринаесети Ноември денот на два разлини типови Македонци. Победници – партизани и поразени – груевисти/заевисти. Имаше и нешто друго, ама ете не ми текнува сега...

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно