И да го претепате Сергеј, пак ќе сте лошо облечени

Пред некој ден за првпат ја погледнав емисијата на Сергеј Варошлија, за која досега читав разни коментари. Фатив како ги коментира посетителите од неодамна одржаниот Моден викенд во градов и можам да кажам дека речиси за сѐ беше во право.

Проблемот е што никој не сака да му ја плеснат вистината во фаца и тоа не јавно, но тоа е ризикот на кој се изложуваме сите што објавуваме фотографии на социјални мрежи или се сликаме по настани, излегувања и слично.

Пред да ја изгледам емисијата читав како е пропалитет кој сака да си ја врати кариерата, како сѐ е млатење празна слама, ваков бил, онаков бил, ќе јадел ќотек.. И некако негледав. Ми изгледаше премногу „драма“.

Но, каков и да е, единствено тој се осмелува да каже каде грешиме во облекувањето, па биле ние познати или не. Зошто некој друг не го направил тоа до сега? Не се сеќавам на емисија каде било посочувано како треба, па особено за јавни личности.

Она што можеби не ми се допаѓа во емисијата се „јавувањата“ на Мерилин Монро или Анџелина Џоли, но за друго човек треба да му симне капа. Во ова општество, каде никој не сака да слушне ниту да прифати критика, тој е истовремено веројатно и луд и храбар да коментира односно, да кажува што мисли.

И од она што се прикажува во неговата емисија, загрижувачки е како американските медиуми и ѕвезди извршиле грозно влијание врз нашата младина, па и оние во средовечна криза.

Можете да го претепате Сергеј, но тоа нема да го смени фактот дека не знаеме да се облечеме, уште помалку да слушаме. Без разлика дали овој човек ви се допаѓа како човек или не, изгледајте една негова епизода, размислете за тоа што го зборува. Можеби на крајот и ќе му речете – благодарам.

Никој не може да му оспори дека е паметен - прави забава, крева рејтинг, дава конкретни забелешки и решенија за тоа како сте/сме облечени и од тоа заработува.

Дали некој ќе прифати или не, останува на личноста и нејзината перципција на нештата.

Бети, од трети 😊

Коментари

Популарно