Единствениот дипломиран оџачар во Македонија е жена

Љубопитна, темпераментна и ведра е Јасмина Атанасовска-Симјаноска. И плус среќа носи. Таа е единствениот дипломиран оџачар во земјава. Кога ќе ја сретнат оние што ја познаваат, не пропуштаат да не се ракуваат со неа, за денот да им биде среќен. Тоа го прават и нејзините ученици во СГГУ ГС „Здравко Цветковски“. Таа е и архитект, проектант, професор и води курс за оџачарство, кој неодамна го завршила уште една жена, па Јасмина конечно има колешка во таа професија.

Јасмина дипломирала оџачарство во Загреб, Хрватска, посебна специјализација со многу пракса, со многу учење за загадување, екологија, горива, печки… Можноста за тоа ѝ се укажала при претходна посета на Загреб, за потоа кај нас да се воведе оџачарство како струка во училиште.

– Во Македонија работам на едукација на оџачари, а првата група почна на 1 јуни како проект на Министерството на труд и социјална политика и Агенцијата за вработување под надлежност на Град Скопје, проект за невработени. Обучени се 10 оџачари, кои добија диплома за оџачари за објекти за домување кои користат цврсто и течно гориво. Меѓу нив има една госпоѓа, која е сертифициран оџачар – раскажува Јасмина.

Нема шега со оџаците

Оџакот е сѐ освен наивен дел од куќа или зграда, вели Јасмина и додава дека ние сме премногу лежерни кога станува збор за одржувањето на оџаците, што не е добро.

– Скопје има градско парно, но во внатрешноста, каде што нема градско греење, греењето на дрва е најзастапено. Ако не го чистите оџакот, во него се таложат саѓи и тие лесно се палат. Кога ќе се запалат, многу експандираат, па кога ќе се затне оџакот, се враќа назад пламенот и настанува пожар. Луѓето имаат навика да го остават шпоретот полн да гори кога ќе излезат за да се одржи огнот, па има значително повисока температура. Кога печката нема капацитет, се запалуваат саѓите, и во тие случаи добро е ако пламенот избие низ оџак и не се врати дома – предупредува нашата соговорничка и советува оџаците да се чистат најмалку двапати годишно.

Неисчистените оџаци, според Јасмина, се поврзани и со загадувањето, кое последниве години е многу актуелно кај нас.

– Затнат оџак значи дека процесот на согорување не е како што треба. На загадувањето, исто така, влијае и какви дрва, каква сеча користиме. Развиени земји како Швајцарија, каде што се греат на дрва, користат лански дрва зашто се посуви, а тоа придонесува за подобро согорување. И во Германија ова прашање е регулирано. А кај нас што сѐ се гори? Буквално сѐ што ќе ни дојде под рака. Лакирани дрва, импрегнирани дрва, стар мебел, текстил, моторно масло… Знам за случај кога едно домаќинство ќе се запалеше бидејќи гореше семки од вишни, а кога такви нешта горат, се крева многу висока температура – вели Јасмина и додава дека во развиените држави постои закон за пуштање во употреба на новите оџаци преку а-тест и регулирано е чистењето.

Токму затоа и подготвува книга за оџачарство.

Коментари

Популарно