Груевски се обрати до јавноста на Фејсбук

„Денес, Република Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил поради политичкиот прогон во Република Македонија.

<div id="mvp-content-body-top" class="left" relative"="" style="margin: 0px; padding: 0px; border: 0px; vertical-align: baseline; outline-style: none; float: left; width: 820px;">

Во барањето за политички азил наведов дека го барам поради политичкиот прогон од новата Влада предводена од партијата СДСМ.

Наведов дека Владата сака да ми ја одземе слободата користејќи недемократски чекори и методи и злоупотребувајќи го обвинителскиот и судскиот систем во Македонија.

Објаснив како сè почна – со почетокот на објавувањето на нелегално стекнатите аудиоматерјали, назначувањето специјален јавен обвинител, кој стана партиска алатка на партијата СДСМ, исто како и судот, ги опишав сите неправди, нерегуларности, незаконското работење, дискриминацијата, конструираните судски процеси и пресуди, конкретните судски постапки против мене и тортурата која по формирањето на новата Влада, ја трпам јас, но и голем број други мои соработници давајќи конкретни примери и конкретни докази и завршив со многуте закани за мојот живот со кои се соочував во последните денови пред да ја напуштам Република Македонија.

Посочив и приложив конкретни примери дека во Република Македонија не постојат услови за фер и законски судски процес ниту, пак, начин во една ваква атмосфера на политичка хајка од страна на Владата да го заштитам мојот живот од многуте закани што ми беа упатени.

Во Македонија се соочив со судии кои за секое мое барање или на мојата одбрана чекаат инструкции од Владата како да одлучат или, пак, од специјалниот јавен обвинител, од кого и самите судии се плашат и кого го гледаат како претставник на актуелната влада.

Посебно ги објаснив неколкуте фундаментални прекршувања на законите, меѓу кои, спротивно на законот, користењето нелегално стекнати аудиоматеријали, кои под надворешен притисок, судот ги прогласи за легални, користењето копии, кои не се споредени со оргиналот како докази врз основа на кои се носат пресуди, користењето вештаци, кои спротивно на законот прават вештачења без лиценца за вештачење, флагрантното кршење на законот за приватност и игнорирањето од страна на судот на сето ова, работењето на македонските судови спротивно на праксата на судот во Стразбург, како што е примерот со отфрлањето на актите за прекин на постапка издадени од страна на претседателот на Македонија во два конкретни случаја и нивно прифаќање во земја членка на ЕУ, недавањето можност и доволно време за подготовка на одбраната преку свесно набивање судења секој ден, понекогаш и по цели денови, издаденото мислење на Комисијата за заштита од дискриминација, која наведе дека сум предмет на директна дискриминација од страна на судијата Добрила Кацарска и од страна на Основниот суд Скопје 1, објавувањето на пресудата за случајот „Тенк“ во смисла дека ќе бидам прогласен за виновен од страна на актуелниот премиер 10-ина дена пред судијата да ја објави одлуката и огромен број други факти и докази што ги образложив и од кој се состави огромен записник од над 30 страници.

Судот и Обвинителството се претворија во инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици, како и покривање на неработењето на Владата.

Последните одмазднички притвори на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои очигледно се притворени само за Владата да ја ублажи критиката по моето заминување од земјата и барање политички азил поради политички прогон, со лажни, фабрикувани и непостојни докази, само ја потврдуваат атмосферата во која денес живее Република Македонија.

Денес, во Република Македонија се живее во услови на репресија од страна на Владата, дискриминација, прогон, политички апсења и целосна контрола на Владата врз судскиот и обвинителниот систем, вадење и ставање во притвор или затвор според политичките пригоди и потреби.

Наместо унапредување на судскиот систем, Македонија има уназадување. Судот и Обвинителството се користат како политичка алатка на Владата за остварување на своите политички цели и уцени.

Јас одлучив да се спротивставам на сето ова и со мојот чекор да го издигнам ова прашање на повисоко ниво.

Некој може да ме сака или да не ме сака, да се согласува или да не се согласува со мене, да смета дека водам добри или лоши политики, но не може да го негира или да ги затвори очите пред она што се случува во Македонија во овој период, а кој јас го опишувам.

Јас одлучив да не му ја исполнам желбата на СДСМ и додека тој ги разграбува и ги распродава државата и националните интереси, да седам затворен со политичка одлука и секојдневно да се борам за преживување во затворот за каде што добив сознание дека ми се подготвува ликвидација.

Одлучив да ја продолжам борбата за македонската кауза, за каузата на Република Македонија, на начин на кој единствено можам во моментот, на начин на кој многу други личности низ историјата кога имале можност го правеле. И како што кажав во претходната објава, јас никогаш нема да се откажам од таа кауза.

Јас не избегав од правдата, туку користејќи други меѓународно правно регулирани методи, продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија.

Јас до последен момент, иако гледав колку неправедно ме обвинуваат и судат, иако беше видливо дека судиите уште пред да го почнат судењето и пред да ги разгледаат доказите, ја знаеја пресудата, секојдневно, како никој досега, се соочував со правдата сè до моментот кога актуелната Влада не одлучи неправедно и со политичка одлука да ме стави во затвор, а потоа и да ме ликвидира.

Јас јавно кажав дека сум подготвен да одам во затвор доколку Заев се откаже од погубните политики за Македонија и малтретирањето други луѓе.

Но, тој очигледно сака сè. Сака и да ја реализира распродажбата на националните интереси, и да го реализира разграбувањето на државата, и да ги суди и осуди стотици мои соработници и мене да ме затвори и ликвидира.

Одлучив да се борам и да му се спротивставам на овој кукавица, кој безочно секојдневно го лаже и краде својот народ и ја злоупотребува државната функција на која дојде на нечесен начин.

Македонија не смее да остане земја каде што Владата владее со судскиот систем и каде што има политички прогони секој ден. Огромен број луѓе се под политички прогон во Македонија. Тоа мора да запре.

Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ, но не смее да се дозволи под превезот на оваа цел актуелната недемократска власт да се пресметува со политичките неистомисленици и да им конструира судски случаи и затворски казни со цел да може непречено да прави криминал, корупција и распродажба на државните и националните интереси“, напиша Груевски на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Коментари

Популарно