Германците да научат како се прави автомобил од Американците

Германскиот министер за економија ги повика германските производители на автомобили да земат пример од американската компанија Тесла кога е во прашање производството на електричните модели.

Многумина сметаат дека кога станува збор за целосно електричните автомобили, тогаш Тесла е без конкуренција. Автомобилите на Тесла дури и во дизајнот се попривлечни од своите конкуренти, а нудат низа на технолошки решенија, квалитет на батерии и перформанси кои што се најдобри на светот.

Еден од љубителите на автомобилите на Тесла, очигледно е и германскиот министер за економија, Петер Алтмајер кој смета дека германските производители на автомобили треба да го следат патот по кој што се движи Тесла.

Тој своето мислење кое што ги изненади Германците, го изнесе на еден форум на кој се дискутирало за технологиите на иднината.

„Се прашувам кога Мерцедес, Фолксваген или БМВ ќе направат барем половина секси електрични автомобили како што се автомобилите на Тесла“, изјави Алтмајер.

„Ако зборуваме за атрактивноста на електричните модели на нашите компании, тогаш сметам дека тие треба да излезат пред купувачите со некои посвежи дизајнерски идеи“, порача германскиот министер.

Со оглед на тоа што сите три споменати германски гиганти веќе најавија „електрична офанзива“ во следните неколку години, останува да почекаме и да видиме дали ќе го прифатат советот на министерот Алтмајер.

Коментари

Популарно