Нинџа: Ми рекоа да завршам средно и ќе ме вработат во УБК

Во текот на 2015 година, околу јануари, февруари, во екот на политичката криза во Македонија, кога Заев почна да ги објавува бомбите, бев ангажиран од Горан Грујевски да му бидам очи и уши на Никола Бошкоски, односно да собирам информации од таргети што ќе ги даде лично тој и да го известам лично него. Тие информации беа од поголем карактер, односно од значење за зачувување на уставниот поредок и уфрлување обични граѓани во службата, рече обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на денешното рочиште за крвавиот четврток.

„За да ме вработат во УБК, ми кажаа дека мора да завршам 4 години средно училиште, имав 3. За потребите на службата ми беше издадена значка со број 637, ми дадоа огнено оружје ‘магнум 38 специјал агент’ и радиостаница со 16 активни канали, се слушаа сите 8 СВР на Македонија“, рече Нинџа.

„Како една од првите задачи ми беше дадена насока да се приближам до еден мој близок роднина, Влатко Пановски, бидејќи службата имала информации дека соработува со српските разузнавачки служби. Јас тоа го сторив, службата беше информирана за неговите активности“, рече обвинетиот.

Кога почнаа обвиненијата од СЈО, додаде Нинџа, Никола Бошкоски ми рече да се дружам повеќе со него, беше во депресивна состојба. Според зборовите на Нинџа, Бошкоски и тој тогаш интензивно почнале да соработуваат и со Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК.

Коментари

Популарно