Накитен град – тажен народ

Покрај политичките трилери во државава, деновиве на тема дојде и украсувањето на Скопје и новогодишниот мини-фестивал на плоштад „Винтерленд“ односно „Винтерфест“. Исто така, излезе и информацијата дека скопјани годинава ќе ја дочекаат Новата година со „Парни ваљак“.

И како и за сѐ друго, ниту за ова не ни се погодува. Кога градот не е накитен – зошто не е? Кога е накитен – зошто толку многу?

Ние сме ти родени контраши.

Паралелно со овие вести, прочитав на еден странски сајт, дека постои американска студија која вели дека оние што имаат празнично украсување во домот се посреќни отколку оние што не го прават тоа и дека сјајот и магијата околу празниците придонесува за подобро расположение.

Ако Скопје е нашиот дом, кој сега е украсен и има за цел да нѐ обвитка со магија, како тоа тие што живеат во тој дом не се среќни?

Не знам дали ги набљудувате луѓето околу вас во автобус додека одите на работа или за време на појадок некаде надвор, или дури за време на прошетка... Ако не сте, направете го тоа макар еднаш, за жал ќе забележите дека насмевките се реткост.

Заборавивме да уживаме во магијата, затоа што одамна и ја нема. Има грд и загаден воздух, има грижи, има политичка нестабилност, има неправда, има сиромаштија, кај некои има и богатство за волја на вистината, има и разлики, има лицемерие...

Се прашувам, дали луѓето сѐ уште посакуваат желби кога доаѓа Новата година или кога им е роденден? И ако да, што ли посакуваат? Посакуваат ли уште љубов, среќа и здравје или тоа се веќе излитени фрази чие вистинско значење се заборава или занемарува, па се вклучува по потреба, па ги заменуваат желбите за поголема плата, вработување, патување, автомобил... Нѐ направи ли реалноста сурови материјалисти или трагачи по магијата?

Велат декември е најбрзиот месец, а јануари најбавниот... Тоа секогаш ме асоцира на она дали касата од спротива работи побрзо, или другиот ред на граница се движи побрзо... Илузијата дека декември поминува бргу ни е затоа што веројатно трошиме повеќе пари, во декември се гледаме со сите што цела година не сме се виделе, сѐ се случува во декември... Нестрпливи сме да се збогуваме со сѐ што не го сакаме, како новото утро да ќе смени сѐ.

А јануари е бавен и тежок, како и секој нов почеток со стари проблеми...

Декември можеби се смета за најмагичниот месец, највеселиот, но всушност е еден од најтажните. Тогаш многу често сме соочени со тоа што ни недостасува, во било која смисла и да сакате.

Изминативе две години градот Скопје реши да донира средства за хуманитарни цели и да не троши пари на прослава. Сега ќе ја имаме повторно. И секако, повторно не можеме да се согласиме дали тоа ни е во ред или не.

Да, супер е да се донира, но за тоа може и да поднамалите со некоја зграда, или секој од политичарите да одвои дел од својата плата, или да намалите со концертите на Цеца, Брена и ѕвезди од слична или иста категорија, за кои се одвојуваат ненормални суми, или да се смислат други бенефити за загрозените категории... Зошто на народот да му се одземе шансата да излезе од домовите на 31 декември и да се забавува бесплатно? Добро, не е сосема бесплатно, но некому е единствена шанса да не биде сам, или да не биде дома...

Прослава може да се организира и со домашни артисти, кои штом толку си ја почитуваат државата и народот, веројатно можат и да скратат некое евро од новогодишните суми и да бидат дома меѓу своите. Па, секогаш потенцираат колку нѐ почитуваат и сакаат како публика, дека без нас не би биле ништо...

Не знам колку Град Скопје ќе потроши на „Парни Ваљак“, но сепак се радувам што можеби макар на една вечер Скопје ќе биде град во кој народот ќе се забавува и ќе има насмевка. Некој некого ќе прегрне. Некој некого ќе запознае. Некој некого можеби ќе преболи, а друг ќе се вљуби...

А рековме, јануари секако ќе биде тежок...

Бети од трети

Коментари

Популарно