ВИДЕО: Македонците во Албанија бараат права, албанските власти со одговор дека „имаат сè“

Две вистини за Македонците од Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник. Едната нивна – дека немаат ниту образование на мајчин јазик, и онаа другата на албанските власти дека Македонците во Албанија имаат се. Со ваков став неодамна настапи и високиот гостин од соседството претседателот на Собранието на Република Албанија Грамоз Ручи. Сред македонскиот парламент, рече дека  со нивниот  Закон за малцинствата, правен по европски терк, Македонците ги уживаат сите права.

Ние како Албанија како Собрание имаме донесено Органски закон за националните малцинства. Тоа е Закон кој е донесен во согласност со Европската комисија и Европскиот парламент и закон кој е усогласен со сите меѓународни признати договори за третман на малцинствата и навистина за тоа имаме добиено позитивно мислење и согласност од сите инстанци и овој закон е на сила во Албанија и се почитува од сите, рече Ручи.

Наспроти ваквото тврдење на спикерот Ручи претседателот на Македонсото друштво “Илинден” од Албанија, Никола Ѓурѓај за 1тв вели дека  Државата Албанија ги заборавила. Го оспоруваат Законот за заштита на националните малцинства кој албанскиот парламент го донесе на 13.10 2017 година иако како што вели Законот уште не е стапен на сила бидејќи не се донесени подзаконските акти.

Без подактите овој Закон не може да стапи во сила. И донесувањето на овој Закон беше со проблеми бидејќи во Законот се вметна бугарското малцинство, непостоечко и Закнот е оспорен и од други малцинства во Албанија, така да Законот не ги опфаќа сите проблеми на малцинствата во Аалбанија. Ние како македонска заедница во Албанија бараме признавање на македонското малцинство а биде на целата територија на Р. Албанија а не само во регионите каде живеат. Во регионот  Голо Брдо и Гора за жал нема школи на македонски јазик а во Мала Преспа има делумно на мајчин јазик. Во Голо Брдо имаме поднесено неколку пати барање  и со потписи на родителите и уште не е одобрено. Затоа ние посочуваме дека законот за малцинствата не ги решава проблемите на Македонците во Албанија бидејќи во Голо Брдо е барано преку 10 пати со петиција и со потписи од родителите и уште не се дозволува да се учи на македонски јазик исто е и во Гора и во Врбник, рече Ѓурѓај.

Според Ручи, Албанската влада  била дури и дарежлива па им ја подарила општината Преспа, иако Законот за територијално организирање тоа не го дозволувал.

Во однос на што тоа ние сме направиле конкретно?

Ќе кажам дека во 2015 година имавме локални избори на кој за првпат се спроведе овој закон. Тоа беа избори за ново територијално организирање на Р. Албанија која што од 384 општини се реоргнизираше во 61 општина и ќе кажам дека општина Преспа каде живеат жители припадници на македонското национално малцинство според параметрите предвидени со Законот за новата територијална организација не ги исполнуваа потребните условите за да конституираат своја општина, но ние како Влада одлучивме тоа да го овозможиме за  и тие да може да функционираат како општина, да можат да си изберат свој градоначалник и свој совет и да функционира,

Ѓурѓај пак, тврди дека со оваа територијалната реорганизација албанската Влада направила чистка на Македонците од овој крај и затоа бараат преиначување на одлуката.  Во Голо Брдо, од три општини, сега нема ниту една а во Гора од две, нема општина. Сега Македонците имаат само една општина во Пустец. Токму одовде, произлегуваат проблемите за Македонците, немаат општини во кои можат да ги остваруваат основните човечки потреби. Срамно е, вели Ѓурѓај, во 2018 година  за еден  обичен извод на родедните да патувате по 2 часа а при тоа, да потрошите 30 пати повеќе пари од износот. Истото се случува и со сметките, пратките, итн.

Во областите Гора и Голо Брдо посебно е многу тешко бидејќи инфраструктурата во овие региони е многу помала отколку во Мала Преспа. Не случајно во Голо Брдо каде имало болен човек е носен со ќебе во раце до  до болницата во Дебар во Макеоднија, бидејќи до Тирана требаат 8 часа, а најблиската болница е 2 часа, а зборуваме за 2018 година и за некој Закон за малцинствата или други подзакони. Реалната состојба е сосема друга. Луѓето овде се борат секој ден да опстанат во овие региони. Во овие региони е многу лоша инфраструктурата, школите, градинките и болниците, рече Ѓурѓај.

Инаку според поголем број податоци, реалниот број на етнички Македонци во цела Албанија е поголем од 120.000. Најмногу живеат во пограничните региони на Гора, Голо Брдо и Мала Преспа. Но, Македонци има и во Тирана, Поградец, Корча, Каваје, Елбасан и други места.

Коментари

Популарно