Кога изговорот е доволен, Македонија се брише!

Обично во ова време од годината пишував текстови за нов почеток, за Нова Година, за желбите и впечатоците. Но, 2018 година и моменталната ситуација во Македонија, од мене бара уште еден тажен текст. Нема простор за рекапитулација на годината зад нас, затоа што трагедијата уште не е завршена, а дното никако да го допреме.

Пред два дена прочитав еден ФБ статус што оди вака:

„1. Изгласаа амнестија за 27 април

2. Изгласаа измени на кривичниот закон со кој се намалуваат казните или се ослободуваат функционери обвинети од СЈО

3. Изгласаа закон со кој директорите на јавните претпријатија си добиваат заменици директори

4. Повисоки плати за вицепремиерите

Среќна нова година.“

Да, ова е реалноста, која народот некако се обидува да ја скрие од себе. Ја разбирам потребата да се тргнеме од политичките случувања и провалијата во која сме тргнети, барем за празниците пред нас, но тогаш ќе биде предоцна. На 9ти Јануари целата приказна ќе заврши. Македонија нема повеќе да постои. Ќе има нова, Северна Македонија, со нова историја (поточно без историја), со македонско државјанство, но без македонска нација и идентиет. Искрено, сеуште не можам да сфатам како дојдовме до тука, а еден ден ќе треба ова да им го објаснам на некои идни поколениа. Таа задача ве чека и вас. Сите НАС!

Премиерот веќе не крие, дека амнестијата е само за да обезбеди гласови за промена на уставот. Правото и правната држава се жртва на неговата агенда, Македонија да го смени името, а Македонец својот идентитет. Сето ова човекот го објаснува како успех, иако референдумскиот резултат засекогаш ќе го зборува спротивното. Сега е веќе јасно дека Заев не дојде на власт за да бутне режим. Не дојде на власт за да има правда и мир, ниту за да ги врати парите кои ДПМНЕ ги украде. Заев има само една мисија. Македонија да го смени името и да влезе во НАТО. Од таму и неговата изјава дека е спремен да ја плати политичката цена за својот потег. Знае Заев дека оди спортивно од ставовите на своите граѓани и дека ги разочара речиси сите кои му дадоа глас, но не му е гајле. Решен е да ја заврши работата за која е донесен на власт и засекогаш да не избрише како народ.

Слична изјава во интервју на ТВ даде и некогаш „шарениот“ Павле Богоевски. Пратеникот призна дека со својата работа одстапил од приоритетите на шарената револуција. Ветувањата кои ги даваше и принципите поради кои доби пратенички мандат, сега се небитни. Важно било како тој размислува, затоа што како самостоен пратеник изборот бил негов. Не Павле, не! Ти си таму да претставуваш народ кој те избрал, не свои ставови. Не си ти газда, туку оние кои те гласале. Ти си, т.е. трба да си, нивниот глас во парламентот. Не решаваш, туку пренесуваш. Така функционира демократија. Павле го знае ова. И тој како и премиерот, сам си призна дека е многу можно ова да значи крај за неговата политичка кариера. Свесното одење против народот, само така може да заврши и од тоа нема бегање.

Ќе поминат празниците, Македонија ќе смени име, устав, историја, идентитет, а Заев, Павле и сите околу нив ќе ја завршат политичката кариера и ќе бидат запишани како најголемите предавници на овој народ. 80 пратеници ќе не  укинат, а историјата ќе ги казни, но што имаме ние од тоа? Изговор? Тоа ли ни е доволно? Можеби сега ви се чини така, но ќе дојде денот кога ќе треба да им објасните на вашите деца и внуци, што направивте кога се бришеше Македонија. Имате ли одговор? Би сакал да го чујам!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно