Следуваат некрстени денови

Следува период на така наречените, некрстени денови, кои траат се до Богојавление .

Станува збор за верување според кое во ова време од годината, кога Исус се уште не бил крстен, а нечесни сили владеат од моментот на стемнување, па до моментот на разденување.

Поради тоа во народот се верува дека во овој период не треба да се излегува навечер, не се преде, не се ткае и не се пере.

Надвор пак не се остава ништо бело, а посебно не детска облека.

Денови кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти, опседнати со лоши духови. Водата во овие некрстени денови е леунка, вели народот, крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите.

Во овие дванаесет некрстени денови луѓето се маскираат и ги изведуваат игрите под маски и тоа на Бадник и по него, пред Василица (Стара нова година), а и речиси сите останати денови до Водици. Игрите под маски најпознати како џамаларски, но и: бабари, василичари, мечкари, ајти, русалии… се изведуваат за да се избркаат лошите сили и демони. Луѓет веруваат дека со маските каде задолжително составни елементи се sвонците, клопотарците, стаповите, гајдите и тапаните што прават врева ќе ги исплашат демоните и тие ќе ја напуштат земјата.

Настанувањето на овие дванаесет дена се објаснува со разликата меѓу сончевата и месечевата година која изнесува точно дванаесет дена. Денови во кои завршува зимската краткодневица и се раѓа новото Сонце.

Коледарските и василичарските обреди под маски ги изведуваат група од млади момчиња кои се маскираат. Нив ги предводи повозрасен маж со потврдена плодоносна моќ, кој има голем и здрав род зад себе и кој е познат женкар. Младите ергени што достигнале одредена возраст 16 – 19 години мора да поминат низ овие обредни игри. Низ игрите требало да се покажат, преобразат и формираат во возрасни мажи, зрели за женење.

Коментари

Популарно