Нашите ракометари во 13 часот на мегдан со Русија

Русија е првиот противник на Македонија во „Президент купот“, во разигрувањето за пласман од 13 до 16. место на Светското првенство , ривал со кој се соочуваме попладнево (13 часот) во „Ланксес“ арената во Келн.

Нашите ракометари премиерно се наоѓаат во една ваква ситуација во мундијалските настапи па од таму и првпат ќе ги измериме силите со „зборнаја“ во борбата за пласман.

Во последните две децении со нив сме играле трипати на големите натпреварувања, а историјата вели дека се противник со кој знаеме и можеме да се носиме со оглед на тоа дека скорот е една победа и две реми.

Последниот дуел на СП е оној на мундијалот во 2013 во Шпанија, кога во рамките од групната фаза одигравме 29:29. Победа имаме на СП 2009 во Хрватска, пред една деценија, 36:30 исто така во дуел во група.

Со „зборнаја“ сме играле и на европската премиера во 1998, кога во групната фаза исто така сме ремизирале 26:26.

Во последните година дена, поточно во април лани, Македонија и Русија одиграа во Скопје пријателски натпревар, во кој „зборнаја“ славеше со 32:27.

Денешната пресметка ќе биде интересна со оглед на тоа дека премногу актуелни или поранешни ракометари на Вардар ќе играат едни против други во Келн. Од капитенот Стојанче Стоилов, екс-капитенот Филип Лазаров, Дејан Манасков, Мартин Поповски...во нашиот национален тим, до Тимур Дибиров, Даниел Шишкарев, Галеб Калараш, Дмитри Кисељев во Русија.

Дури и пресметката на клупата ќе биде во знакот на „црвено-црната“. Селекторот Раул Гонзалез и Роберто Парондо како дел од стручниот штаб на Македонија, заедно со кинезитерапевтот на вардарци, Димитар Маневски, а „зборнаја“ ја предводи актуелниот спортски директор на Вардар, Едуард Кокшаров.

Гонзалез нема да прави промени во составот и со исти сили ќе влезе и во овој дуел, додека Кокшаров дополнително ја засили само дефанзивната линија со Глеб Калараш

Коментари

Популарно