Инстаграм – мрежа на живот каков немаме

„Шмајл“ (Shmile) е позата што ќе биде вистински хит на Истаграм, читам на странските медиуми. Се работи за фотографија на задоволно лице, кое има широка насмевка, а затворени очи.

Значи, толку уживате, што немате поим дека некој ве слика. Во тотален ескапизам сте од задоволство. Но, ете баш се погодило во моментот да трепнете или да ги затворите очите од убавини и да излезе “неодолива“ Инста фотографија.  Сосема „случајно“.

Називот е пак кованица од „Затворени очи“ и „насмевка“ (shut eye+smile=shmile).

Ова можеби и би имало некаква приказна и смисла, доколку на Истаграм не се појавија селфи шмајл фотографии. Навистина? Уживате додека се сликате сами, така “спонтано“?

Тоа е само уште една потврда колку ние секојдневно глумиме среќа и колку истата ни недостасува.

Листајќи ги социјалниве мержи, ќе се доведете во ситуација да се запрашате дали животот што го живеете е со доволен квалитет, можеби е досаден, како со толку работа не успевате да мрднете од вашиот град, максимум одите до соседниве држави, зошто немате време, како на другите им успева...

Луѓето почнаа да се дистанцираат од Фејсбук и „жалопојките“ на другите од него и се префрлија на Инстаграм, кој изобилува со фотографии. Но, една слика – илјада зборови.

Стана социјален медиум кој всушност воопшто не е социјален. Освен ако под социјален не разбирате дека сопствената осаменост ја „лечите“ со вклопување на нормите за Инста фотографија.

Уште поинтересно е како таа Инста фотографија воопшто и не е „инста“ туку долго осмислувана, ни најмалку спонтана, вештачка... Ако мислите дека оваа социјална мрежа ќе ви помогне да се вклопите, размислете уште еднаш и уште повеќе - во што се вклопувате.

Инстаграмот е мрежа на клонови, на исти пози, на извештачен изглед. Инстаграм е мрежа на маски, на лаги, на фејк живот, чест на исклучоците и/или на оние што од тоа прават пари.

Што ако на вашите „вмрежени“ пријатели им покажете насмевка, која после трите секунди откако ќе го притиснете копчето за фотографирање, ја снемува?

Што ако на сите ни покажете колку вкусни колачи имате пред вас, кога после истите три секунди, ги тргнувате од маса, бидејќи не смеете да си го дозволите?

Што ако на себе ставите тон шминка, ни покажете колку ви е супер деколтето или задникот, кога после трите секунди ќе се погледнете во огледало и знаете дека не е така?

Што кога ќе дојде време да се соочат Инстаграм профилот и профилот од реалниот живот? Што ќе се случи тогаш? Ќе ве прифати ли некој? Ќе имате ли храброст да се соблечете пред некого, или да се појавите без шминка? Ќе имате ли храброст да го покажете целулитот или тоа дека забите и не ви се баш совршени?

Лажната среќа е еден од најлошиот облик на тага и осаменост.

Тогаш ќе сфатиме колку се лажеме себе, а не другте. На крајот од денот, секој се соочува сам со себе и секој останува сам со себе. Социјалните мрежи создаваат дополнителен притисок, особено кај младите генерации, кои мислат дека така ќе ја добијат самодовербата, а таа всушност никогаш и не била пониска.

Задоволството и среќниот живот не се создаваат виртуелно. Прифатете ја реалноста и работете на себе. Прифатете се себеси. Тогаш нема ни да ви треба Инстаграмот за да бидете прифатени од другите или да правите фотгорафии по шаблон, бидејќи ќе имате живот за живеење. Вистински живот, во кој “шмајл“ ќе биде ваше секојдневие, само нема да имате потреба да го направите “инста производ“, бидејќи навистина ќе уживате.

Автор: Бети од трети

Коментари

Популарно