Кога народот искрено жали

Кога народот искрено жали, нема потреба од ден на жалост. Кога народот жали, тоа се чувствува секаде. На улица, во маркет, на работа... секаде.

Кога народот жали, цела Македонија се обединува. Сме сведочеле досега повеќе пати. Бевме сите заедно по атентатот на Киро Глигоров. Тагувавме за смртта на Борис Трајковски. Заедно плачевме по Тоше! Жалиме и сега, за сите загинати и повредени во автобуската несреќа. Кога политиката ќе се тргне, во Македонија владее соживот. Го покажаа тоа жителите на околните села, посебно на Ласкарци. Не прашаа за националност, за вера, политичко убедување, сексуална определба... Го дополнија вработените во болниците во Скопје, кои без прашање се појавија на работа кога не беше нивна смена. Се јавија и скојпани кои по социјалните мрежи нудеа сместување за семејствата на повредените. Се нудеше помош од сите страни. Кога народот жали, во Македонија нема Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби... има луѓе со големи срца, спремни да го жртвуваат својот живот за да помогнат во несреќа!  Всушност соживотот во Македонија е секојдневие. Не само кога жалиме. Разликата е што во тие моменти нема политика, има само чисти емоции и големи луѓе.

Жал ми е што мора тагата да не обедини. Жал ми е што тоа не е заеднички успех, радост, славје. Жал ми е што најчесто брзо забораваме и повторно дозволуваме да не раздвојат, да не поделат. Да не обојат во различни бои и потоа да ни зборуваат за соживот. Жал ми е што и денеска и вчера имаше ликови кои ширеа омраза и што истите добија на публицитет. Тоа се небитни персони, кои својот живот го градат на омраза и гнев. Треба само да се маргинализираат и едноставно ќе исчезнат, затоа што подеднакво лоши се и оние кои ќе тргант во лов на вештерки и ќе се обидат да престават некого како негативец, што ќе донесе нови поделби. Од друга страна, мило ми е како народот изреагира во одбрана на соживотот и не дозволи ни милиметар простор за ескалација.

За крај, искрено жалење и поддршка до блиските на повредените и загинатите. Се надевам дека некако ќе најдете мир и сила за нов ден.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно