Пораз на Вардар од Веспрем

Променлива игра на ракометарите на Вардар во „мечот на неделата“ против Веспрем во 12. коло од Лигата на шампионите и на крајот претрпеа пораз од 27:29 (16:11).

Слатка одмазда за Унгарците кои дојдоа во СЦ „Јане Сандански“ по бодови и си заминаа со нив, задавајќи му го на Вардар вториот удар на домашен терен во најсилното европско клупско натпреварување сезонава и истовремено го симнаа од втората позиција во групата А.

Не личеа на себе „црвено-црните" во второто полувреме и тука лежи причината за поразот. Премногу технички грешки, брзоплети напади и нереализирани удари, и казната стигна многу брзо.

Миклер го замени Штербик на голот на Веспрем, а неговите интервенции како и лошата игра на Вардар беа причината за серијата од 1-6 (17:17), а по првите седум минути игра единствено Мораес успеја да постигне гол.

Крај на седумминутната апстиненција донесе Дибиров од пенал, се надоврзаа Стоилов и Дисингер за ново водство од +3 (21:18) на средината на полувремето.

Петар Ненадиќ ја превзема иницијативата кај унгарскиот тим и тој влезе во серија, а кога стигна поддршката и од Лекај одново беше егал, 22:22 во пресрет на последните десет минути од средбата.

Рамноправно се движеа до 24:24, а откако Дибиров не ја искористи шансата од седмерец Веспрем за првпат дојде до 24:26 на четири минути, а таквата предност гостите ја држеа до крај.

Во првото полувреме македонскиот првак по рамноправниот старт 7:7, предводен од Кристијан Дисингер влезе во елемент и имаше постојана предност, која во еден период изнесуваше и шест гола предност по серијата од 7-1 (15:9), за на полувремето да заминат со 16:11. А, потоа едноставно се падна во „вода“.

Вардар секогаш сам си го комплицирал патот кон успехот. Оваа сезона одново е во таква ситуација.

Истовремено „црвено-црните“ не успеаја да му го расипат и јубилејот на Веспрем, кој денеска со победа во Скопје го прослави и 300. натпревар во Лигата на шампионите.

Дисингер со пет гола (сите во првото полувреме) како и Стоилов, Кристопанс и Стас со по 4 беа најефикасни кај Вардар, додека Милосављев мечот го заврши со 13 одбрани.

Коментари

Популарно