Не е виновен возачот, туку државата?!

Експертската јавност е згрозена. Како може еден автобус што не возел повеќе од 100 километри на час и удрил косо да ги скине сите заштитни челични огради на автопатот Скопје – Тетово? Дали се соодветно проектирани или се несоодветно изведени заштитните огради на автопатот?

Дали заштитната ограда на автопатот Скопје – Тетово ги одведе во смрт 15 патници во автобусот на „Дурмо“? Ова е големата дилема на експертската јавност во земјава чија специјалност е проектирање патишта. Ќе има ли смелост, нерв и тактичност надлежниот јавен обвинител да ги постави вистинските прашања и да ја отвори пандоринатa кутија за да провери дали заштитната ограда на автопатот Скопје – Тетово: како е проектирана, дали е поставена согласно со проектот, како била атестирана, која дал одобрение дека е монтирана согласно со сите важечки прописи и стандарди.

Како може автобус со брзина која не надминувала 100 километри на час да пробие три заштитни челични огради изградени по стандарди и да се урне во провалија и при тоа да загинат 15 патници? Колку се безбедни заштитните огради чија изведба чини милиони евра?

Експертската јавност е вчашена. Телевизиските снимки од трагедијата ги гледаат со неверување. Зарем може да се случи ова? Како може автобус со брзина која уште не е утврдена, но не била поголема од 100 километри на час да пробие не една туку три заштитни челични огради и да се урне во провалија. Сите од фелата знаат дека единствената функција на заштитната ограда е да ја апсорбира енергијата, да го смени правецот на возилото, да го одбие ударот. Се тоа со цел да спаси животи. Сите од експертската фела знаат дека заштитна ограда на автопат ако е поставена согласно со стандардите треба да биде доволно силна за да одбие удар од возило кое се движи косо во неа со брзина од 90 километри на час. Дури и да е големо патничко возило или товарно возило двете банкини треба да го запрат. Затоа стандардот предвидува и две заштитни огради меѓу двата правци на движење на автопатот. Со каков квалитет се тие три заштитни огради кои автобусот ги скинал? Во неофицијален разговор стручњаците велат дека секој столб од заштитната ограда во земја се побива на длабочина која надминува еден метар, а над земја останува во височина од еден метар. Дебелината на тие столбови е пропишана со цел да издржат такви силни удари. Да спасат животи. За да може да одбие силен удар на товарно или превозно големо возило челичните столбови според потребите се поставуваат и на меѓусебно растојание кое некогаш е и еден метар од столб до столб. Тие се поврзани со хоризонтално поставени дебели челични лимови т.е. браници или популарно наречени банкини. Нивната единствена цел е да ги заштитат патниците, возачите од возилото кое губи контрола, но и сите патници од возилата кои се наоѓаат на спротивниот правец на автопатот. Токму затоа кога има паралелно изградени коловозни ленти во спротивни насоки меѓу нив се поставуваат две заштитни огради. За сигурност: ако возилото што удира и ја пробие една лента да запре при ударот во втората лента. А што се случи во кобната среда? Автобусот на „Дурмо“ пробил дури три заштитни ленти!

Можно ли е тоа? 

Експертите се скептици. Во никој случај заштитните огради не смееле да попуштат и да се скинат. Особено заради тоа што автобусот изгубил контрола и не удрил директно т.е. по прав агол во првата ограда туку косо под агол. Таа ограда требало да го одбие, да го исправи односно да го врати кон лентата. Но наместо тоа автобусот ја скинал таа ограда, ја пробил и другата заштитна ограда и што е најстрашно прелетал преку спротивните коловозни ленти и ја скинал и третата заштитна ограда по што завршил во провалијата.

Ниту еден од експертите не сака да зборува отворено. Се плашат за своите кариери, за личниот интегритет, за своите работни места, за деловното опкружување на фирмите во кои работат. Се плашат од притисоци и од одмазда на државните институции од кои добиваат работа за проектирање патишта. Оти работа може да добијат само од државата, друг не гради патишта. Секое јавно појавување и отворено прашување за квалитетот на банкината на автопатот Скопје – Тетово може да ги чини скапо. Никој не се осмелува јавно да го каже своето мислење. Иако имаат консензус дека заштитната функција на заштитната ограда веројатно е голем проблем. И дека треба да се провери нејзиниот квалитет.

Ќе има ли сила и сојузници јавниот обвинител да ги отвори сите дилеми и прашања за квалитетот на заштитната ограда на автопатот Скопје – Тетово кои се плашат отворено да ги споделат со јавноста нашите експерти за проектирање и изградба на патишта? Ќе имаат ли можност вештите лица да докажат чија е вината за трагедијата во која изгубивме 15 сограѓани? Ќе има ли храброст обвинителот што ќе го води случајот да побара одговори од сите високи чиновници во државната хиерархија кои потпишувале за исправноста на заштитната ограда која еден автобус ја искина како да е од хартија? Ќе има ли храброст да побара отчет од тие што биле надзор и што потпишале дека оградата ги задоволува сите стандарди?

Оти возачот на автобусот на „Дурмо“ не може да одговара за квалитетот на заштитната ограда. Неговиот ал ниту кучињата со маст нема да го јадат. Но тој не е виновен за квалитетот на оградите. Автобусот на „Дурмо“ отвори големо прашање за квалитетот на оградите кои треба да не штитат сите нас. Може ли дупнатите огради да го отворат патот и да ја насочат истрагата кон можен непрофесионализам заради коруптивни дејствија со цел стекнување противправна имотна корист од тие што државата ги плаќала да се грижат заштитината ограда да спасува животи на нашите автопати. Дали обвинителот ќе има храброст да ја отвори пандорината кутија ?

Фактор.мк

Коментари

Популарно