Заев: Ништо не ми можете!

Македонија е самостојна држава речиси 30 години. Граѓаните така одбраа на референдум во 1991 година и од тогаш на секои 4 години одбираат пратеници во собранието, а со тоа и влада. Ок, не баш на 4, затоа што сме биле сведоци на неколку предвремени парламентарни избори, но поентатат е иста. Ние, граѓаните ја избираме власта во Македонија или барем сме уверени во тоа. Како и да е, речиси 30 години на власт носиме различни политичари, од различни политички партии, но речиси ништо не се менува. Државава и понатаму е закована на дното во Европа, во речиси сите параметри на квалитет на живот на своите жители, а секоја власт досега не убедува дека многу ни е убаво, додека она што не чини е вина на претходната гарнитура.

Вака живееме речиси 30 години, без разлика кој е на власт. Еве и пред некој ден премиерот Заев ни кажа дека просечната плата во Македонија (или како што мили да рече, Северна Македонија) е 500 евра! Неколку дена претходно и министерот за финансии, Тевдовски ни го кажа истото и ни дообјасни дека можеби граѓаните не го чувствуваат тоа, но така е! Со други зборови, просечна плата е 500 евра, ама не ја земаат граѓаните! Бидејќи, ако граѓаните имаат 500 евра месечно, секако би знаеле и чувствувале. Ова е налик „Македонија лидер во регионот, Балканот, Европа, Светот...“ од времето на азилантот во Будимпешта. Тогаш немавме 500 евра плата (немаме ни сега), но бевме лидери! Можеби не го чувствуваме тоа, но го предводевме регионот, Балканот, Европа, Светот... Во ред, на Груевски можеме да му признаеме дека за едно нешто навистина бевме лидери и сеуште сме. Загадениот воздух! Сега тој дише чист во Унгарија, додека го окривува Заев дека не презел ништо за нас тука, во лидерската земја!

Примери за конзистентноста на сите политичари во Македонија од осамостојувањето до сега има многу. Сите лажеа и сега лажат. Сите вработуваа свои. Секогаш партиската книшка била пред квалитетот...итн. Но, сепак има и мала разлика. Ова е прва власт, која освен што лаже и манипулира, освен што го крши уставот, не го есапи ставот на граѓаните, вработува само свои.... ова е прва власт која на чело со премиерот, не се плаши да признае дека е автократна. Не се плаши да каже дека во исполнување на своите цели, кои немаат врска со мнозинството граѓани, ќе направи се и нема да жали за тоа. Доказ за тоа е и денешната изјава на премиерот, во која тој гордо се пофали дека нема да бега од стореното и дека јавно признава упад во правниот систем за свои потреби:

-Законот за амнестија се случи во рамки на помирувањето, тоа е многу сериозен процес, кога на државата и требаше двотретинско мнозинство, јавно го кажувам тоа и не бегам од тоа.

Не дека и досега народот не знаеше зошто се случи амнестијата, но ова е сосема ново ниво. На Заев веќе не му е гајле што мисли народот! Јавно си кажува и не бега од тоа! Доволно му беше криење, му здосади. Лажеше дека нема „Албанска платформа“, лажеше дека нема да менува устав за менување на уставното име, лажеше за убиените деца кај Смилковско езеро, лажеше за несреќата на Младенов, лажеше за референдумот и референдумските резултати, лажеше дека опозицијата треба да одбира јавен обвинител.... лажеше уште многу пати и му здосади! Сега веќе не сака ни тоа да го прави! Гајле му е! Дојде моментот кога ЈАВНО на сите ни кажа дека тој прави што сака и кога и ИЧ НЕ МУ Е ГАЈЛЕ за мислењето на народот. Маалски кажано, ништо не ми можете!

Да се случеше ова пред година дена, ќе бев сигурен дека оваа изјава ќе го однесе премиерот во политичка пензија. Дека народот едвај ќе чека избори и дека на истите ќе му покаже кој е газда во државава, но сега, по се што поминавме во последниве неколку години, речиси сум убеден во спротивното. Дека всушност премиерот е во право. Ништо не му можеме! Па зарем човекот кој смени име и устав, со пропаднат референдум сега да бега од нас? Оној кој потпиша (демек) „добрососедски договор со Бугарија“ да ни се плаши? Премиерот кој воведе потполно непотребна и неуставна двојазичност да го земе в предвид мислењето на народот? Жал ми е, но Заев е во право. Овој пат не блефира. Јавно и во очи ни кажа што направил и не бега од тоа! Ете таму сме!

Досега никој немал ваква храброст! Сите политичари досега не лажеле дека нашето мислење е важно, иако во реалноста работеле сосема на друга агенда, но Заев во лице ни кажа дека и тоа ни е многу! Премиерот е толку сигурен во својата моќ, иако сам призна дека рејтингот му паѓа, што веќе нема нема намера да се правда пред народот. Тој е лидерот, а ние безмоќните следбеници.

Шанса да го убедиме во спротивното ќе имаме на избори. Само со пораз Заев ќе сфати дека политички не е бесмртен и дека народот е сепак газдата на државава. Од друга страна, замислете уште колку самодоверба ќе му донесе и најмала победа. Ако сега не му е гајле за вашето и моето мислење, како ли ќе се однесува, ако уште еднаш им дадеме поддршка на Заев и СДСМ?

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно