Видео:Стевчо Јакимовски чека притвор?

Стевчо Јакимовски поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на Гром  е осомничен дека во периодот од 2011 до 2017 година им овозможил на три фирми и на едно физичко лице да се стекнат со  градежно земјиште кое било во државна сопственост, со откуп по цени далеку пониски од пазарните, со што го оштетил буџетот на државата за повеќе стотици илјади евра.

Според обвинителството станува збор за земјиште на Илинденска, кое подоцна било препродадено неколкукратно поскапо на градежни компании кои таму сега градат згради.

Според МВР, на ваков начин фирмата „Гром промет“ приватизирала државно земјиште со вкупна површина од 1533 метри квадратни, кое имало вредност од околу 450.000 евра.

Фирмата „Емаг“, слично стекнала 722 метри квадратни, вредни околу 211.000 евра.

На „Дот мебел“ и на лицето Т.К., пак, им е овозможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште во висина од 450 денари од м2, додека на јавно надавање метар квадратен од оваа парцела би се продавал со почетна цена од 300 евра.

Поради овие сомненија, поднесени се кривични пријави против вкупно деветимина - екс градоначалникот на Карпош, тројцата управители на фирмите, едно физичко лице, како и четворица вработени во општината во секторите за урбанизам и експропријација на земјиште.

Освен оваа, јавното обвинителство против Јакимовски води истраги и за уште три други случаи.

Го сомничи дека во 2015 година спровел јавна набавка за обнова на цветен расад на жардиниери, што било во надлежност на Град Скопје, потоа дека во 2016-та донел одлука за јавна набавка за изградба на плоштад на локација каде била предвидена сообраќајница, а проширена е истрагата започната за три тендери во август лани, со сомневање за бесправно градење.

Коментари

Популарно