Заев: Немам намера да ја менувам Катица Јанева

Јас сум флексибилен човек кој знае дека двете страни треба да имаат разбирање една за друга, но тоа да не биде на штета на државата, на институциите на системот, вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА прашан дали проблемот со СЈО може да биде искористено како аргумент од противниците на отворањето преговори.

– Подготвен сум да разговарам со опозицијата за секое аргументирано прашање. Драго ми е што почнаа разговорите, знам дека до крајот на оваа недела веќе ќе има конкретни писмени материјали околу некои предлози, верувам дека е можно навремено да го донесеме Законот за јавно обвинителство, каде е инкорпорирано СЈО како создаден капацитет. Уште еднаш напоменувам, тоа јавно обвинителство веќе, како што е поставено и во новиот закон, ќе ја гони власта, сегашната власт. Тоа јавно обвинителство е капацитет кон кој ќе тежнеат и другите обвинителства, и материјален и финансиски и со опрема. Да дадеме шанса на еден ваков закон, и сите сме тука во државата со доверба кон институциите, да продолжиме да ги градиме реформите.

На прашањето дали е подготвен да ја смените Катица Јанева, Заев вели:

– Апсолутно не. Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Северна Македонија.

Коментари

Популарно