ВИДЕО: Македонија премоќна за Летонија

Фудбалската репрезентација на Македонија со триумф (3-1) над Летонија го стартуваше квалификацискиот циклус за ЕП 2020. Големиот јубилеј на капитенот Горан Пандев е заокружен во победнички стил, а „подароците“ ги поделија Езгјан Алиоски во 12.минута и Елиф Елмас во 30.минута и во 90.минута од дуелот. Летонците постигнаа почесен гол преку Вјачеславс Исајевс во 87.минута.

Капитенот Горан Пандев во петтата минута го имаше првиот обид, шутираше откосо од десната страна барајќи го спротивниот горен агол, но не погоди. Шест минути подоцна, Македонија дојде до водство.

Пандев повлече во противнапад, го проигра на левата страна Езгјан Алиоски, а тој со силен удар ја протна топката под рацете на Ванинс.

И по водечкиот погодок, продолжија нападите на Македонија, шанса имаше Хасани, но во последен момент беше блокиран. Во 23.минута, поради повреда Хасани ја напушти играта, а на теренот се појави Елиф Елмас.

Две минути подоцна, Барди за малку ќе постигнеше гол директно од корнер, но Ванинс во последен момент реагираше и ја исфрли топката во поле.

На Елмас не му требаше многу за да се запише меѓу стрелците. Во 30.минута, Илија Несторовски шутираше, топката од блок се одби до Елмас, а тој умешно ја спроведе во мрежата на Летонија.

Во последните мигови од првиот дел, Пандев имаше одлична можност, шутираше од работ на шеснаесетникот, но Штеинборс успеа да одбрани на феноменален начин.

На почетокот на второто полувреме, Стефан Ристовски се закани, но вториот голман на Летонија уште еднаш добро интервенираше.

Во 67.минута, уште еден одличен удар на Горан Пандев од 20 метри, но Штеинборс повторно не дозволи да се тресе неговата мрежа.

Капитенот го прослави јубилејот со триумф и беше повлечен од игра во 71.минута, да одмори за следното големо искушение, дуелот против Словенија во Љубљана, а на негово место во игра влезе Кире Ристевски.

Македонија сакаше рутински да ја одработи задачата, малки поднамали гас во завршницата, а Летонија тоа го искористи да постигне погодок. По прекин на игра, Вјачеславс Исајевс со удар со глава во 87.минута го надмудри Столе Димитриевски.

МАКЕДОНИЈА – ЛЕТОНИЈА 3-1 (1-0)

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 10.000. Судија: Халис Оскаја (Турција). Стрелци: Алиоски 12’, Елмас 30’, 90’ (Македонија), Исајевс 87’ (Летонија). Жолти картони: Циганикс (Летонија).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велковски, Алиоски, Барди, Николов, Трајковски (83’ Маркоски), Пандев (71’ Ристевски), Хасани (23’ Елмас), Несторовски.

ЛЕТОНИЈА: Ванинс (30’ Штеинборс), Габовс, Дубра, Ос, Максименко, Исајевс, Циганикс, Тарасовс, Ракелс, Караускас (69’ Тоберс), Шабала (79’ Улдрикис).

Во судиското продолжение, Летонците останаа со играч помалку откако беше исклучен Циганикс, а потоа Елиф Елмас стави точка на триумфот со својот втор погодок, за конечни 3-1 за нашиот национален тим.

Коментари

Популарно