ДУИ: Нема општина каде СДСМ не потфрли

Голема сеча, односно генералка од министри до директори ќе следи ако Стево Пендаровски стане нов претседател на државата, најавуваат високи функционери на СДСМ по тесната победа на консензуалниот кандидат пред кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во првиот изборен круг.

По значајното потфрлање на социјалдемократите на последните претседателски избори, таму спасот го гледаат во темелна реконструкција која ќе треба да се спроведе од највисоките до најниските функционерски ешалони. Во случај Пендаровски да ги изгуби изборите веќе е јасно дека ќе се оди на предвремени парламентарни избори, опција која премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев веќе ја најави.

СДСМ е свесен за сериозното потфрлање на изборите, за внатрепартиската поделеност, но не изостанува и обвинувањето дека во голем дел и партијата на Али Ахмети кумувала за слабиот изборен резултат во првиот круг од гласањето.

Од СДСМ велат дека е очигледно дека „некој“ во партијата не си ја сработил работата на терен, алудирајќи на водството на Силјановска во повеќето општини со доминантно македонско гласачко тело. Од партијата се децидни дека нема да се пазарат за 80.000 гласови на кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река. Од таму се убедени дека значителен дел од електоратот кој гласал за Река сега ќе гласа за Пендаровски, бидејќи како што велат „ќе нема Албанец кој ќе ја поддржи Силјановска оти тоа е директна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ“. Аргументот дека без пазар, гласовите на Река ќе се слеат кај Пендаровски, се објаснува со тоа дека станува збор за два спротивни концепта, односно првиот кој значи сигурен пат во ЕУ и НАТО и вториот, кој ќе значи назадување.

Ривалството, пак, на владините коалициски партнери СДСМ и ДУИ, се рефлектираше и на денот на гласањето за претседател. СДСМ ѝ забележува на ДУИ дека играла со остра реторика кон Река и дека пред вториот изборен круг ќе треба да се направи обид за коректни односи со Зијадин Села и со Билал Касами.

Тесната победа на Пендаровски во дел од власта се коментира и како договорена тактика на дозирано гласање во првиот изборен круг. И додека ова главно се пласира од страната на ДУИ, од СДСМ велат дека толку им е силата на терен на интегративците.

– Стево ќе треба да ја амортизира загубата во првиот круг кај македонското гласачко тело. Речиси да нема општина каде СДСМ не потфрли. ДУИ има прекрасен резултат. Одигравме тактички, бидејќи од 80.000 гласа кои ги доби Река, помеѓу 25.000 и 30.000 се гласови на ДУИ. Ова ќе овозможи чиста победа на Пендаровски во вториот изборен круг. Од друга страна, дозираното гласање обезбеди тесна разлика помеѓу Пендаровски и Силјановска така што сега ВМРО-ДПМНЕ и да пукне нема да го бојкотира решавачкото гласање. Реално СДСМ е губитникот во првиот изборен круг – вели висок функционер на ДУИ.

Од партијата на Ахмети брифираат дека безмалку со половина сили излегле во првиот изборен круг и дека вистинската моќ на ДУИ ќе следи при второто гласање.

Од СДСМ, пак, коментираат дека толку може ДУИ и дека не очекуваат прилив од гласачкото тело на Ахмети, туку од граѓаните кои гласале за Река.

Од ДУИ му забележуваат на СДСМ и за отворената војна со реисот Сулејман Реџепи на само една недела пред изборите. Од ДУИ себеси си ја припишуваат заслугата дека го омекнале реисот за Албанците да не го бојкотираат Пендаровски. Слабиот одѕив на Албанците за Пендаровски, ДУИ го припишува и на традиционалноста, односно дека имало кандидат Албанец, но и на, како што велат, огромната тактичка грешка, на гласачкото ливче до името на Пендаровски да биде логото само на СДСМ, а не и на ДУИ и другите партии кои го поддржаа. Сепак, велат од партијата на Ахмети дека се задоволни како ја изменаџирале целата ситуација.

Сепак, дали Ахмети одел со половина капацитет или на изборите испорачал толку колку што во моментов тежи кај електоратот ќе се види за десет дена во решавачкиот изборен круг.

За тоа дали владините партнери ќе направат промени во кампањата и дали пред вториот изборен круг ќе ги видиме заедно на митинг Заев и Ахмети и од двете партии допрва ќе анализираат. Од ДУИ засега не решиле дали ќе продолжат со иста кампања на одделни митинзи, додека од СДСМ велат дека ќе треба да анализираат дали заедничкото митингување на Заев со Ахмети ќе им донесе повеќе штета отколку корист.

Коментари

Популарно