Нема веќе прекувремена работа без да биде платена

Работодавачите мора систематски да го регистрираат работното време на своите вработени – така одлучи Европскиот суд за сите земји членки на ЕУ.

Со најновата одлука на Европскиот суд во Луксембург, работодавачите се обврзани систематски да го бележат работното време на своите вработени. Само на тој начин, според судот, може да се гарантира почитување на дозволеното работно време.

Инаку, на оваа пресуда и претходеше спор помеѓу Deutsche Bank и синдикатот CCOO во Шпанија. Досега во Шпанија, работодавачите беа обврзани да ги бележат само прекувремените работни часови на што синдикатот реагираше дека прекувремената работа може да се евидентира точно само ако биде евидентирано и регуларното работно време.

Поради пропустот во законот, во Шпанија не се евидентираат повеќе од половина од прекувремените работни часови.

Судот ја образложи својата одлука преку насоките на ЕУ за работното време, насоките за сигурност и здравје на работниците и повелбата за темелни права на ЕУ.

Имено, во неа стои дека “основно право на секој работник е ограничување на максималниот број работни часови и дневни и неделни паузи за одмор“.

По оваа одлука, земјите членки на ЕУ се задолжени во следниот период да донесат соодветна регулатива за регулирање на работното време.

Коментари

Популарно