Жирито беше составено од анонимуси, а не од еминентни автори

Композиторот Григор Копров преку социјалната мрежа Фејсбук и се извини на српската нација, поради тоа што од нашето жири не добија ниту еден глас на овогодишната Евровизија во Израел. Тој вели дека е разочаран што нашето жири било составено од ,,анонимуси, наместо од најеминентни автори”.

,,Лично чувствувам потреба да им се извинам на колегите и на братска Србија. Затоа што во 2007 година, на изборот во Хелсинки кога имав песна со Каролина Гочева композицијата ,,Мојот свет” во нашата делегација немаше режисер, а требаше.Сите проби од визуелен аспект беа катастрофални, затоа што никој од нас присутните не знаевме стручно да кажеме што не е добро. Да напоменам дека во полуфиналето имаше 27 држави, и тоа беше во историјата на Евровизија најтешко полуфинале, затоа што 17 држави отпаѓаа.

Да кажам дека македонската и српската делегација беа во ист хотел, и за голема среќа во нивната делегација беше и режисерот Дарко Камарит, кој е мој личен пријател.

Бидејќи пробите беа при крај, незадоволството беше големо, затоа што визуелниот ТВ настап на Каролина беше катастрофален и очигледно дека со таков настап нема финале.

Јас во таа ситуација бев во очај. Го повикав на кафе Дарко Камарит и му се обратив со овие зборови: -Дарко, од ова што го барам од тебе апсолутно не зависи нашето пријателјство. Имено, нашиот режисер, од за мене непознати причини не допатува и нашиот настап е лош. Те молам ако е икако можно да дојдеш и да помогнеш да се реши визуелно она што ние не знаеме објективно да им појасниме на луѓето во режија. Имам во предвид дека ти не си овде приватно и дека претставуваш друга земја, така да, од оваа твоја одлука не зависи нашето пријателство.

Дарко без никакво двоумење рече: ,,Да”, дојде и им објасни во режија што треба да се корегира. Имавме фантастичен настап и влеговме во финале.

Ја користам приликата уште еднаш јавно да му се заблагодарам, како него лично, така и на српската делегација. Прашање до сите кои ќе го прочитаат ова: Како ќе постапевме ние во обратна ситуација?Жири комисија на ваква голема меѓународна манифестација се составува од најеминентните автори, како што впрочем го прават сите други држави, а не анонимуси, како што беше во нашиот случај”, напиша композиторот.

Нашата претставничка Тамара доби 12 поени од Србија.

Коментари

Популарно