Не пееше ДПМНЕ, туку незадовлното мнозинство од народот во Македонија

Сеуште под емоции од европската круна на РК Вардар, со болки во грлото од 3 дена бодрење пред тв и на плоштад, ќе посветам уште еден текст на црвено црната боја. Поточно, на политиката и поделбите во македонското општество, дури и при ваков ОГРОМЕН успех на момците со две срца.

Најпрво, ВАРДАР е шампион на Европа! Тоа е насловот! Вардар! Не Груевски, не Заев, ниту Мицкоски, Шилегов... Никој од нив никогаш не бил на врвот од Европа! НИКОЈ! Само Вардар! Вчера и завчера се славеше европска титула на Вардар! Не беше тоа политички митинг. Не беше поразен СДСМ, не победи ДПМНЕ! НЕ! Победи Вардар, победи Скопје, победи Македонија, Балканот и сите што навиваат за црвено црните! СИТЕ! Без разлика на национална, верска, политичка...припадност. Сите кои искрено навиваат за Вардар се победници и никој нема право да им забрани да се чувствуваат така. НИКОЈ! Вардар има љубов за сите, почнувајќи од најверните, „Комитите“, па се до малите дечиња кои вчера на ушка на татковците присуствуваа на прославата на плоштад! Црвно црната обединува, не е извор на поделби. Поделбите се резултат на политика и немаат никаква врска со Вардар!

Нашето општество е поделено многу оддамна, уште во СФРЈ. Поделбите, посебно по етничка линија, продолжија и по 91 година. Последниве неколку години сме сведоци на нова поделба. Поделба во македонското ткиво. Од „патриоти и предавници“, „антички и словени“, „Македонци и Северџани“, „тврдокорни и слободоумни“. Поделби конструирани од политичарите од сите политички партии, со цел да ја полесно да ја „продадат“ својата програма и да дојдат на власт. Немало политичар во Македонија зад кој застанал цел народ, па затоа сите кои досега се појавиле на политичката сцена им се обраќаат само на „своите“. Го мотивираат своето членство и истомислениците да излезат на гласање и да гласаат за нив. За спротивниот табор многу често имаат погрдни зборови. Најочигледен пример за ова се политичарите од албанскиот блок, во чии програми СЕКОГАШ во прв план е етничката програма. Да, во програмата се зборува за целата држава, економија, здравство, право, но акцентот е секогаш на правата на Албанците. Слични, до пред неколку години беа и програмите на македонските политичари, но по поделбата во македонското гласачко тело, разликите во програмите се однесуваат на Македонците. Всушност тие и ја предизвикаа оваа поделба, па сега борбата е кој подобро ќе ја искористи. Тоа воопшто не го кријат, па при последните претседателски избори, партиските штабови се фалеа кој колку гласови освоил по етничка припадност! ДУИ и СДСМ се расправаа кој колку албански гласови донел, додека ДПМНЕ се фалеше со поддршката од Македонците! Истите оние кои ни зборуваат за соживот, при своите јавни анализи ги делат своите гласачи по етникум!

Премиерот, Зоран Заев и „Шарената револуција“ го донесоа слоганот „Едно општество за сите“, но и тоа се однесуваше само на нивните истомислении. Всушност, најголемата поделба меѓу Македонците е заслуга токму на владејачката гарнитура со газењето на референдумот за Преспанскиот договор. Токму Заев, кој се самопрогласи за обединувач на народот во Македонија, ја направи најголемата поделба со менувањето на уставот и уставното име и покрај мнозинската желба на граѓаните тоа да не се случи. Премиерот јавно кажа дека референдумот пропаднал, но дека „мора“ да ја послуша волјата на малцинството, намерно и свесно газејќи ја волјата на мнозинството. Затоа вчера на плоштадот се пееше „Никогаш Северна, само Македонија“! Не пееше ДПМНЕ, туку незадовлното мнозинство од народот во Македонија. Таа порака не е од Мицкоски или Груевски, туку од обасправеното мнозинство! Обесправени од својата влада, од своите лидери! Не беше тоа порака за поделба, туку порака како резултат на поделба од страна на власта. Лошото е што сега таа порака, повторно ќе биде причина за зголемување на јазот меѓу спротиставените страни, затоа што во Македонија дискусија не постои. Постојат само дијаметрални ставови и омраза меѓу групите. Токму затоа денеска Столе Стоилов е херој за едните, „тврдокорен националист“ за другите! Без разлика дали со неговиот став се согласува поголем или помал дел од народот, никој не го анализира ставот на капитенот на Вардар, туку се се сведува на идеализирање или критика на неговата личност. Уште пострашно е што добар дел тоа го прават затоа што така мислат „нивните кланови“. Доказ за тоа се променетите ставови на повеќе политичари и јавни личности од СДСМ, за кои до пред некоја година Вардар беше ЗЛО, а сега слават титула! Самсоненко беше државен непријател број 2 (број 1 секогаш е Груевски), а денеска истиот беше кај Шилегов, Заев и Пендаровски и доби 700.000 евра државни (наши) пари! Токму таа промена на ставови кај политичарите треба јасно да ви укаже дека тие всуност и немаат став, туку интерес! Само ИНТЕРЕС и ништо друго! Јас го сакам Вардар откако знам за себе и никогаш за мене не постоел друг клуб. Да, навивам за Манчестер Јунајтед, навивав и за Милан во раните 90ти (пред да ја откријам Премиер лигата), симпатична ми е и Валенсија (од времето на Мендиета и Клаудио Лопез), навивам за Хјутсон Роктес во НБА... навивам за секој спортски колектив од Македонија кога игра во Европа, но само Вардар го сакам! Јас имам јасен став, затоа што се водам од емоција, затоа што не сум политичар и не гледам да исполнам некој свој интерес. Политичарите и клановите околу нив функционираат исклучиво од таа гледна точка. Интерес, власт и ништо друго. Токму затоа деновиве сите политичари се обидоа да ќарат по некој поен од титулата на Вардар. Се јави дури и азилантот од Унгарија. Преку Фејсбук го поздрави големиот успех, но не пропушти да го подели народот со тоа што посочи дека на СДСМ му е непријатно што народот се радува. Мицкоски беше во Келн и објави фотографии од преполаната сала во дрес на Вардар. Заев честиташе преку ФБ, а Пендаровски во друштво на поранешниот член на Вардар и македонската репрезентација Мојсоски, сподели афектни фотографии. Дали некој од нив навистина навива за Вардар? Не знам, но знам дека сите секогаш ќе се обидат да ќарат некој поен кај гласачите. Тоа им е секогаш приоритет. Доказ за тоа е видеото кое се врти по интернет, на кое Шилегов тажно дреме во некој ќош на плоштадот во Скопје. За него титулата не е доволна за радост, треба да е во центарот на вниманието за да покаже (лажна) емоција.  На искрен навивач, не му треба публика. Тој пее и плаче и кога е сам.

Државата, односно оние кои ја водат (сега и во минатото) се причината за поделбите, затоа е нелогично во нив да го бараме решението. Од таму нема да дојде! Концептот подели, па владеј е постар од сите нас, па нема потреба да ви го објаснувам. Старата доктрина одлично функционира во Македонија. Одлично за оние кои се на власт или се стремат да дојдат. За нас, граѓаните НЕ! Затоа ние мора да ги спречиме поделбите, ние мора да се сослушаме и да се разбереме. Не велам дека треба да се сложите со оној со спротивен став, различна религиска или етничка припадност, но мора да се разберете. Мора да се ПОЧИТУВАТЕ! Јас никогаш нема да ја признаам „северна“, но имам блиски луѓе кои гласаа на референдумот и кои и денеска мислат дека тоа е правиот пат. Шансата да се сложиме на таа тема, не постои, но почитта кон различниот став секогаш постои. Аргументите, секако се на моја страна (најмногу заради референдумот), но тоа не значи дека ќе го сменам моето мислење за нив, дека ќе престанам да ги сакам или ценам. Истово се однесува на секоја разлика во општеството. Јас никогаш не сум имал проблем испровоциран од меѓуетничка или меѓурелигиска разлика, но решението е повторно истото. Дискусија, разбирање на другиот и почит како на еднаков на себе. Време е да ги закопаме „воените секири“ и да им покажаме на политичарите дека напразно не делат. Во спротивно, титулите на Вардар, Шкендија, Работнички, Пелистер, Победа, Гостивар....ќе бидат само бројки во светот на омраза во кој живееме.

За крај порака до КОМИТИ: Дечки, ајде вие први! Покажете дека сте големи, дека ги заслужувате името што го носите и боите на дресот што го љубите. Без, „клети“, без „чиста Македонија“, без „гасни комори“. Не велам дека вие сте единствените виновници, но вие сте единствените ЕВРОПСКИ ШАМПИОНИ! Промента мора некаде да почне, а јас можам да го побарам тоа само од вас.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно