Катица Јанева се разболе

Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, најверојатно од денеска заминува на боледување, велат од СЈО.

Официјално од СЈО  денеска изјавија дека Јанева најверојатно денеска ќе поднесе документација според која таа заминува на боледување, а како неискористен и останал и дел од стариот летен одмор. Додека Јанева е службено, или приватно отсутна од работа, нејзе ја заменуваат специјалните обвинителки Ленче Ристовска и Елизабета Јосифовска.

– Без разлика на тоа што таа има поднесено оставка, се додека не се избере нов специјален обвинител, заклучно со 15 септември, таа раководи со СЈО. – велат од Обвинителството.

Додека Јанева не оди на работа, форензичкиот Оддел на МВР, според извори на Слободен печат од истрагата, веќе започнал да постапува по наредбата дадена од истражителите, односно врши проверка на содржината на компјутерите кои полицијата ги заплени од домот и работните простории на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, првоосомничен во аферата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) позната под името „Рекет“. На детална анализа ќе биде подвргнат и мобилниот телефон на Катица Јанева кој и беше запленет во петокот вечерта со писмена наредба од ОЈО.

Обвинителката Вилма Рускоска вели дека сè уште нема оценето кога ќе ја повика Јанева на разговор за причината поради која и е запленет мобилниот телефон. Таа додава дека Јанева до сега не се обратила до ОЈО, ниту пак прашала зошто и е одземен телефонот.

Катица Јанева во петокот после пладне прво ги известила колегите, а потоа и јавноста дека поднесува оставка од функцијата. После овој нејзин чекор, како што изјавија завчера на прес конференција нејзините колеги, ја немаат контактирано за целиот случај и низата прашања кои се споменаа во јавноста за нејзината оставка, која сосема случајно или не, беше само два часа пред полицијата да соопшти дека на преминот „Богородица“ го уапсила Јовановски, а во Скопје пак Зоран Милевски викан Зоки Кичеец, под сомневање дека изнудувале пари од осомничен, на кого му тврделе дека можат да влијаат кај обвинител за стопирање на истрага против него.

Во петокот во доцните вечерни часови, по барање на ОЈО, судија на претходна постапка, на Јовановски и Милевски им одреди 30 дена притвор. Во меѓувреме, ОЈО ја продолжи истрагата против нив, а најави дека листата на лица директно или индиректно вмешани во оваа афера ќе биде зголемен.

Вчера, пак, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје ги одби жалбите за притвор на Јовановски и Милески.

– Постапувајќи по жалби изјавени против решенија на судија на претходна постапка од 15 јули 2019 година, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје денеска одржа седница на која по ценење на наводите во жалбите како и фактите и аргументите во предметот донесе одлука со која жалбите ги одби како неосновани, а решенијата на судија на претходна постапка ги потврди во целост. – извести судот.

Коментари

Популарно