ВИДЕО: Јанева изнесена од гаражниот простор во СЈО - се враќа дома во Козле!

Катица Јанева, со автомобилот „сеат алтеа“, со кој беше изнесена од домот во Козле, па донесена во просториите на СЈО, околу 15 часот беше изнесена од просториите на Специјалното обвинителство.

Информациите од терен јавуваат дека од СЈО Јанева е повторно донесена во домот во Козле.

Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, соопшти дека во СЈО не се вршел класичен претрес туку дека бил одземен службениот компјутер на Катица Јанева.

Русковска бара Кривичниот суд во Скопје да и одреди мерка притвор на осомничената Јанева. Таа рече дека останува на барањето и покрај смртта на мајката на Катица Јанева.

Вчера Јанева, даде изјава за „Рекет“ во јавното обвинителство.  

Во својство на сведок сум повикана, рече Јанева, при што беше прашана од новинарите зошто тогаш има адвокат покрај неа. Одговорот беше следен: Имам правни консултанти секогаш.

На прашањето на новинарот Фуркан Салиу дали гласот од снимките каде што зборува со Камчев е нејзиниот, Јанева вели:

Не смеам да го кажам тоа. Ова е истрага, треба да знаете дека во истрага не се споделуваат информации. Ќе има судење, ќе се гледаме уште. Се форматира и анализира мојот телефон.

Обвинителката одговори дека не чувствува никаква вина, а на прашањето дали има во целиот случај вклучен некој од политичарите рече дека не знае. Додека одговараше на новинарските прашања, адвокатот кој беше во нејзино присуство прикуваше загриженост и постојано и укажуваше дека треба да прекине со одговор на прашањата бидејќи како што рече не е на распит.

На крајот од видеото се слуша како новинарите ја прашуваат обвинителката дали знае кај се парите, при што таа одговара „Да“? Тоа го потврдуваат новинарите кои беа присутни на пресот, кои по неговото завршување велат: Имаше добро прашање дали знаевте кај се парите, рече „Да“ а не го продолживме прашањето.

Јанева потекнува од семејство на познат судија, кој бил и претседател на основниот суд во Гевгелија, а во минатото ја вршела функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Гевгелија, откако 10 години пред тоа била заменик на јавниот обвинител во градот.

Јанева има завршено и висока обука за борба против мафијата, корупцијата и организираниот криминал во Италија. Таа е долгогодишен јавен обвинител, а поминала разни меѓународни обуки и специјализации пред да застане на чело на СЈО.

Нејзиното име се наоѓа и на листата предавачи на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Пишува дека предава кривично материјално и процесно право.

Катица Јанева во имотниот лист во Антикорупциската комисија има пријавено имот од над 250.000 евра. Наведено дека поседува моторно возило „рено 5 кампус“, трансакциона сметка во две банки. На име на нејзиниот починат сопруг, кој бил ветеринар, се водат плац во селото Конско во вредност од 1.000 евра, земјоделско земјиште од 1.930 квадрати во вредност од 20.000 евра и моторно возило ровер 45 во вредност од 20.000 евра.

Дента, кога јавноста дозна за рекет и беше уапсен Боки 13, Јанева поднесе оставка 

- „Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник.Чест ми беше да и служам на државата и да бидам на чело на исклучително професионален обвинителски тим, истражителски тим и тим на вработени кои безрезревно и посветено ги извршуваат своите работни задачи. Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја. Дозволете, јавно да се заблагодарам на целиот тим на Специјалното јавно обвинителство со кој испишавме историја. Треба да бидеме горди затоа што претставуваме симбол за бескомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција, напиша Јанева за оставката.

Истиот ден кога Катица даде оставка Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори истрага за случајот „Рекет“, по што Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески беа осомничени и завршија во притвор за изнуда на пари.

Коментари

Популарно