Огромен пресврт во Италија: Место избори - нова коалиција и влада!

Драматичен политички пресврт во Италија. Партијата на екстремната десница предводена од евроскептикот Матео Салвини ќе биде надвор од Владата откако премиерот во оставка Џузепе Контe успеа да стаса до договор за коалиција со Демократската партија, која идеолошкки му припаѓа на левиот центар. За да се формализира новата коалиција потребно е таа да добие согласност од претседателот Серџо Матарела. Тој се очекува тоа да го стори утре изутрина и официјално да му даде мандат на Конте да го состави својот нов Кабинет.

Договорот меѓу Движењето Пет Ѕвезди на Конте и Демократската партија на Никола Цингарети претставува неверојатен расплет на политичката криза која ја предизвика кој лидерот на националистичката партија Лига, Матео Салвини. Тој ја напушти владината коалиција и го примора премиерот Конте да поднесе оставка. Целта му беше да бидат распишани предвремени избори на кои тој и неговата партија, според анкетите беа во предност.

На почетокот на август, се наликуваше дека Салвини ќе стане премиер и ќе ја претвори Италија во најцврста, крајно десничарска земја во Западна Европа. Наместо тоа, Италија е на работ да има многу различна влада, влада што не ја вклучува најпопуларната партија во земјата.

Според договорот што го постигнале лидерот на „Пет Ѕвезди“ Лиуџи ди Мајо и Никола Цингарети, Џузепе Конте останува премиер, а нејзините политики ќе бидат сосема спротивни од кои ги диктираше Салвини. Аналитичарите тврдат дека тие нема да се базираат на антимигрантска политика и не само што ќе ја возобноват, туку и ќе ја продлабочат соработката со Брисел. Новата италијанска влада, според нив, ќе биде исправена пред сериозен предизвик, да го ослабне рејтингот на Салвини со тоа што беспрекорно ќе одговори на длабоко вкоренетите економски проблеми во земјата.

„Ние ја сакаме Италија и сметаме дека вреди да се обидеме со ова ново искуство. Ќе им ставиме крај на омразата и на стравот“, изјави лидерот на демократите Цингарети кој е жесток противник на идеологијата што ја промовира Салвини.

Инаку, во минатиот период имаше сериозни несогласување и меѓу Цингарети и Конте, но се очекува преку соработката во владата тие да ги надминат меѓусебните препирки со што ќе им се отвори можноста да управуваат до крајот на мандатот, кој би завршил во 2023 година. Дотогаш, на Салвини, оставен без моќ за одлучување, се очекува во голема мера да му се намали популарноста која тој токму сега сакаше да ја искористи во своја полза со барањето да им се врати мандатот на избирачите.

Инаку, последните неколку недели откако Салвини предизвика пад на владата, неговата поддршка се намалила на 34 проценти од 39 проценти на крајот на јули. Според анкетите, сега Конте е политичарот со најголема доверба во Италија.

Коментари

Популарно