Со извици „браво!“ и петминутен аплауз помина синоќешната гала светска премиера на „Врба“ на Милчо Манчевски

Со извици „браво!“ и петминутен аплауз помина синоќешната гала светска премиера на „Врба“ на Милчо Манчевски на Филмскиот фестивал во Рим. Публиката во полната сала со аплауз ги дочека актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски со режисерот Манчевски.

„По завршувањето на филмот, неочекувано публиката стана направи круг околу филмската екипа и френетично аплаудираше цели пет минути“, велат од продукцијата на „Врба“ од Рим.

Предводени од режисерот, трите актерки Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски поминаа на црвениот килим во Аудиториумот Парко дела Музика. Покрај нив, на најдолгиот филмски црвен килим во светот поминаа и продуцентот Јане Ќортошев, директорот на Агенција за филм Горјан Тозија, Министерот за култура Хусни Исмаили и Магдалена Димова, вршител на должност при Амбасадата на Македонија во Рим.

„Македонските актерки го свртеа вниманието на себе пред светските медиуми, кои будно со своите камери го проследија секое нивно движење на црвениот килим. Она што беше уште покуриозитетно е што беа извикувани нивните имиња од италијански фанови, кои беа наредени од страната и ги повикуваа да направат фотографии со нив и со режисерот Манчевски, кој е миленик на италијанските филмофили, а неговите филмови се вклучени во школската лектира“, велат од продукцијата.

По премиерaта, „Врба“ ќе има уште две фестивалски проекции, денеска и утре.

Продукцијата најавува дека многу скоро филмот ќе има македонска премиера и веднаш потоа ќе биде на редовниот репертоар во скопските кино сали.

Извор: sdk.mk

Коментари

Популарно