Детектор: Мнозинството граѓани не го поддржуваат прогресивниот данок

Според анкетата која по нарачка на Детектор ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје мнозинството граѓани не го поддржуваат прогресивниот данок кој почна да се применува на стартот на оваа година, а ќе биде ставен во мирување на почетокот од наредната.

 42,4% од анкетираните сметаат дека треба да се врати рамниот данок, а поддршка на прогресивниот даваат 25,2% од анкетираните.

Повеќе од една третина од граѓаните се на став дека прогресивниот данок ќе ја зголеми даночната евазија. 38,2% сметаат дека со воведувањето на прогресивниот данок, даночното затајување ќе се зголеми, 18,1% се на став дека ќе остане исто, а 10,4% очекуваат намалување. Интересен е податокот дека дури 52,8% од анкетираните самовработени и сопственици на приватен бизнис сметат дека прогресивниот данок ќе го зголеми даночното затајување.

Дури 61% од граѓаните сметаат дека ако се земе предвид платата која што ја примаат, даноците кои и ги плаќаат на државата се високи. 23,1% од анкетираните мислат дека даноците се соодветни а само 1,9% сметаат дека македонските граѓани плаќаат ниски даноци. Кога би можеле да изберат еден данок или давачка кон државата која е превисока и треба да се намали, 18% би го одбрале персоналниот данок. 14,6% сметаат дека прв за намалување треба да биде данокот на имот, а 14,2% данокот на додадена вредност. 11,8% од граѓаните сметаат дека намалување првенствено треба да има на акцизите, а 9,2% на данокот на добивка, додека 7,4% сметаат дека првото што треба да се намали треба да бидат придонесите за здравствено осигурување. 1,9% се со став дека треба да се намалат придонесите за пензиското осигурување, а 1,2% давачките за царина. Кога станува збор за тоа како државата располага со парите кои ги собира од даноците и другите давачки, мнозинството граѓани изразуваат недоверба и незадоволство. 64,7% од граѓаните сметаат дека македонскиот државен буџет не се троши правилно и наменски за разлика од 9,6% кои се убедени во спротивното. 60,4% од анкетираните велат дека при креирањето на државниот буџет, на прво место се става интересот на политичките партии. 20,2% сметаат дека буџетот се креира според јавниот интерес и реалните потреби а 19,4% немаат одговор. Според мнозинството граѓани, најмногу средства од буџетот треба да се насочат во здравството.

Ваков став имаат 31,2% од анкетираните. 16,3% сметаат дека социјалната заштита треба да биде на прво место во буџетот, а 14,6% образованието. Најмногу средства од буџетот да се одвојат за плати на јавната администрација бараат 9,3% од анкетираните. 8,3% сметаат дека најмногу пари треба да се вложи во капитални инвестиции и инфраструктура, а 5,6% во пензиите. Само 1,4% од анкетираните сметаат дека одбраната треба да биде приоритет за буџетот. 56,5% од граѓаните сметаат дека земјава е високо задолжена, 19,2% задолженоста ја квалификуваат како умерена а 7,3% сметаат дека таа е ниска.

Интересно е што последниот проект на владата кој предвидува поврат на ДДВ преку скенирање на фискални сметки не предизвикува некој голем интерес кај граѓаните. Анкетата на Детектор покажува дека 64,7%, што е речиси две третини од анкетираните воопшто не скенираат фискални сметки, додека 34,2% го прават тоа. Меѓу оние кои ги скенираат најголемиот дел очекува приход меѓу 300 и 600 денари месечно.

Анкетата на Детектор покажува и дека граѓани во најголем дел не се запознаени со висината на помошта која од европските фондови доаѓа во јавниот сектор во државата. 35,4% од анкетираните немаат вакви информации, 22,5% од граѓаните сметаат дека европската помош е ниска, 19,3% дека таа е соодветна а 5,9% ја оцениле како висока Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници во периодот од 25 до 29 октомври годинава со маргина на грешка од плус - минус 3%

Коментари

Популарно