Фото: Тој заработува 100 евра од вечер

Машкиот стриптиз  е нешто измеѓу професија и хоби..

Работата низ годините му се зголемува, бидејќи како што вели  соговорникот нема конкуренција. „Кога влегов во оваа работа, имаше поголем број на мажи кои играат стриптиз. Со текот на годините кој се отселил, кој се откажал. Во последните пет години речиси и да немам конкуренција,“ вели стриптизерот со кој што разговаравме. Цената за настап не е зголемена и таа останува иста, 100 евра за вечер. Нашиот соговорник вели дека таа можеби треба да се зголеми, но кога се гледаат приходите на македонските граѓани е сосема пристојна сума кога ќе се подели помеѓу повеќе луѓе. Бакшиш понекогаш има, а некогаш не, а највисоката сума која добил до сега е 250 евра од вечер.

Најчесто го викаат на момински вечери, родендени, забави за испраќање во странство, но и за пензионирање. Но, последните години стриптиз-забавата се прави и без некаков повод.

Најчесто го наоѓаат преку  ФБ  или преку препораки, бидејќи како што вели, најдобрата реклама е самиот настап, како и добрите препораки од пријатели или од луѓе пред кои настапувал.

Во оваа приказна влегол сосема случајно. Неколку недели се спремал за првиот настап, гледал видеа и вежбал, но вели дека едно е кога гледаш а сосема друго кога треба да настапиш. На почетокот настапувал еднаш на два-три месеци, сега неофицијалната сезона е од март до октомври. Рекордот во настапи му е пет за една вечер, а вообичаено има три до четири настапи за викенд.

За да биде згоден и да изгледа допадливо вежба три пати во неделата. Вели дека од многу работи треба да се откажеш и многу треба да се внимава. Навидум е едноставно, но во суштина не е така.

„Јас сум љубител на боемски живот, на кафана но треба да внимавам колку јадам и што пијам затоа што секое запоставување може да направи стомак. Непрофесионално е да отидеш на настап и да не изгледаш добро. Настапот ќе се истера, но никој нема да те препорача. Љубител сум на сончањето летно време, но не можам да си го дозволам тоа бидејќи на настап не можам да отидам изгорен. Треба да биде убаво за око, бидејќи некој те плаќа,“ вели нашиот соговорник.

Секој настап, додава, е приказна сам за себе. Каква ќе биде забавата зависи од него но и од девојките кои го ангажираат. Главно има кореографија на негови песни, но нема против дококолку сакаат различна музика.Настапот трае 20-на минути и според него нема потреба од повеќе, бидејќи целта е да се „убие“ монотонијата, да се додаде нешто ново.

„Колку е пократко, толку е послатко. Да се памти, “ вели тој.

Најмногу ќе го памти настапот за роденденот на Биг Мама, пред седум години кога се нафатил да настапува во улога на полицаец, а настапот бил договорен во кафуле во Стара Чаршија.

„Пред секој настап пијам една или две пијачки за да се опуштам и загреам. Облечен како полицаец пиев виски пред настапот на терасата на кафулето. Во тој момент поминаа двајца полицајци.  Ме поздравија со здраво колега, им возвратив, ама се обидов да им објаснам дека не сме колеги. Почнаа да ме легитимираат. Во меѓувреме им се јавив на организаторите на забавата да излезат од кафулето. Не ме казнија, но убаво ми кажаа дека кога ќе имам настап, надвор да бидам облечен во цивилна облека“, раскажува тој.

Ќе го памети и настапот во Прилеп кога прв пат настапил во ресторан каде што биле присутни 150 жени, без да знае дека треба да игра во толку голем простор, пред толкав број. На настап на брод во Охрид се почувствувал дека има спасувачка мисија, бидејќи фатило невреме, па сфатил дека има мисија да ги спаси девојките за да не паднат од брод.

Најчесто настапува како Зоро, но го бараат и како полицаец, војник и доктор.

За овој пазар ќе каже дека не се поминуваат границите во стриптизерството и за време на настапите, и се е во рамките на нормалното однесување.

„Свесен сум дека годините поминуваат и дека понатаму ќе ми треба сериозна работа. Но исто така можам да кажам дека и луѓе на 40 години изгледаат подобро од 20-годишни и можат слободно да играат како стриптизери“, вели тој.

<p>За успех во оваа професија ја смета комбинација од тоа добро да танцуваш и да имаш добро тело.</p>

<p>„Оваа професија ја сфаќав како хоби се до оној момент кога ми се јавија родители од Куманово, за јас како Дедо Мраз да дојдам кај друштвото на нивната ќерка и да ја изненадам. Имав и други слуачи кога бев ангажиран од родители, но во последно време, ме ангажираат и сопрузи за нивните сопруги, или пак момчиња за девојките“, додава тој.</p>

<p>Неговите девојки немаат проблем со неговата работа и секогаш од нив имал само поддршка, а многу пати го препорачувале на нивно друштво.

Коментари

Популарно