Се огласи Мизрахи за Јавна соба: Јас сум верник и ќе се борам против развратот

Се огласи министерката за труд и социјална плитика предложена од ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада за групата на Телеграм, која предизвика револт во јавноста. За дисторзијата во општеството таа прстот го впери кон власта на СДСМ. 

„Скандалот со групата Јавна соба на социјалната мрежа Телеграм само ја отсликува моралната дисторзија која се случува во нашата држава во изминатите три години во кои ,,дојде” животот“, напиша Мизрахи на својот фејсбук профил.

Таа вели дека наместо придвижување напред во позитивна насока, во изминатите три години ние доживуваме невиден дебакл, кој се отсликува во креирање на група во која членувале преку 7.000 членови. 

Таа вели дека е верник и сака да се врати моралот во општеството.

„Инертноста која ја покажува актуелната власт само дополнително ја стимулираа таа дисторзија да земе поголем замав и да навлезе во секоја пора на нашето општество. Затоа, мора сите активно да се вклучиме и дадеме активен придонес во справување со неморалот, развратот, деградирање на семејството како основен столб на нашето општество. Јас, како човек, родител, верник и човек што ја сака Република Македонија нема да дозволам и ќе се борам оваа негативна тенденција да ја уништиме и да ја вратиме довербата во системот, државата, семејството и вербата во луѓето“, пишува Мизрахи.

Најавува дека Министерството за труд и социјална политика ќе преземе мерки и ќе даде активен придонес во справување со секој предизвик, и ќе понуди помош на секој оној што има потреба.

На крај завршува со тоа дека граѓаните заслужуваат да имаат министер и министерство што се грижи за нив.

Коментари

Популарно