Покрај пасоши во Македонија нема ниту сообраќајни дозволи

Владата да најде начин за продолжување на рокот на патните исправи додека се реши пасошката криза во земјава, бара министерот Чулев. Вели дека за надминување на проблемот неопходна е политичка волја, пренесува Сител. 

-Ставање на апостилски печати со информација до сите други држави по дипломатски пат е една од опциите која што ја има Владата на располагање. За законитоста, во краен случај треба да реши Владата. Меѓутоа, сме имале случаи во меѓународни рамки каде важноста на патните исправи е продолжена со удирање на печат и испраќање на ноти до државите, вели Чулев.

Од Владата велат дека на вчерашната седница не се разговарало за пасошката криза. Доколку информацијата за ваква постапка пристигне до Влада, јавноста дополнително ќе биде известена.

Во моментот останати се уште 3.400 пасоши. 9-члена комисија составена од лекар, правник, економист и вработени во Министерството ќе одлучува за лицата кои имаат ургентни потреби за вадење пасош. Чулев вели дека приоритет ќе имаат лицата кои мора да заминат на лекување во странство, а потоа оние кои треба да учествуваат на меѓународни натпревари.

Освен пасоши, станиците за технички прегледи не издаваат и сообраќајни дозволи.

-Во текот на утрешниот ден пристигнуваат доволен број на сообраќајни дозволи, 1.500. Требало посебни материјали, а до идната недела ќе стигнат 100.000, рече Чулев.

Министерот уверува дека откако ќе пристигне пратката на пасоши граѓаните во најкус можен рок ќе ги добијат патните исправи и состојбата ќе се нормализира со работење на службите и втора смена и за викендите.

Инаку, Чулев го обвини премиерот Спасовски дека со фалсификат ги поништил во Службен весник распоредувањата во МВР, бидејќи немало одлука на Влада. Побара од Јавното обвинителство да отвори истрага.

Коментари

Популарно