Граѓаните кои ги задржаа примањата редовно да плаќаат сметки, пофалби за пензионерите

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски ги повикува граѓаните кои ги задржаа своите редовни примања и покрај мерките за заштита навремено да ги подмират своите сметки за електрична и топлинска енергија, како и за водни услуги.

-Апелираме до оние потрошувачи коишто ги задржаа своите редовни примања, да си ги подмируваат своите сметки, за електрична и топлинска енергија, како и водни услуги, бидејќи ако не ги подмират редовно ќе имаме сериозен проблем со ликвидноста. Тоа е еден маѓепсан круг, ако ЕВН не собира пари, ќе имаат проблем за работа МЕПСО и ЕСМ и ќе имаме проблеми со сите водни претпријатија. Оваа мрежа ќе треба да продолжи да им служи на граѓаните и по завршувањето на оваа вонредна состојба, порача Бислимоски.

Тој ги пофали пензионерите, кои како што рече, веднаш по добивањето на пензијата, која беше дадена малку порано, почнаа да ги плаќаат своите сметки.

-Според информациите што ги имаме од компаниите делумно проблемот со ликвидноста е надминат во овој период кога се добиени пензиите. Редовно да си ги подмируваат сметките очекуваме и од администрацијата и од граѓаните кои не се погодени од оваа криза, изјави Бислимоски за МИА.

Потсети дека РЕК беше една од првите регулаторни комисии во регионот и Европа која веднаш кога настана кризата издаде препорака до ЕВН, БЕГ и до сите водоводни претпријатија во државата да не ги исклучуваат потрошувачите додека трае вонредната состојба.

Коментари

Популарно