Синот на Иван: Кога дозна за трансплатацијата тој многу се исплаши, дури и не сакаше да оди – морав да го убедувам

Денес пред медиумите имаше прес-конференција министерот Венко Филипче, поврзана со историската трансплантација на срце во Македонија, каде меѓу другите изјава даде и Васил Огненовски, синот на мажот кој го доби срцето од Емилија.

Иван Огненовски е човекот кој го доби срцето на Емилија Динева.

-Пред се сакам да изразам големо сочувство до фамилијата на Емилија и едно големо благодарам, што со донирањето спасија три животи, од кои еден е оној на татко ми,- рече Васил.

-Пред два дена ни се јавија дека има срце, дека е најден донор и ќе биде извршена првата операција во нашата држава на срце од донор. Се случи, дојдовме, се направи операцијата и сега чекаме информации за понатамошниот процес.

-Докторите еднаш го спасија мојот родител, сега повторно го направија тоа. Големо благодарам до нив, затоа што во нашата држава имаме многу добри доктори и ќе спасат уште милиони жители.

Во меѓувреме Фокус објави ново интервју со Васил кој открива емотивни детали

Пред два дена првин мене ми се јавија од клиника, ми рекоа да му пренесам на татко ми да оди на контрола. За кратко и него му се јавиле, го известиле дека има срце, дека семејството на починатото лице е согласно да го донира. Тој многу се исплаши, дури и не сакаше да оди. Морав да го убедувам, му појаснував дека ова е неговата единствена шанса за живот. Ќе одиш и ќе живееш, или ова ќе биде крајот, му реков.

Друго нема. Некако ме послуша, со страв замина на клиника. Му беа направени сите потребни испитувања, му кажаа дека трансплантацијата може да се изврши. Тој до последното не веруваше дека сето тоа се случува, дека ќе биде првиот пациент во Македонија кој ќе добие срце од донор- вели Васил.

Околу срцето, единствено им било кажано дека е од жена која починала во сообраќајна несреќа. Дури утринава Васил од медиумите го дознал името на жената чие срце сега чука во градите на неговиот татко, за прв пат на фотографија го видел нејзиниот лик.

-Денес од медиумите дознав за Емилија, за нејзиното семејство, за тоа дека е од Стар Дојран, дека со мопед имала сообраќајна несреќа, по што доживеала мозочна смрт. Го видов нејзиниот лик на фотографиите, не можам да ви опишам како се чувствуваме сите. Им праќаме благослов на нејзините блиски, на семејството кое покажа невидено човекољубие и се реши да спаси три животи, на татко ми и на уште две лица со бубрежни болести, на кои им се донираа нејзините бубрези.

Сочувствуваме со големата болка на нејзиното семејство, искрено би сакале да се запознаеме, лично да им се заблагодариме. За овие теми, вистински зборови не можат да се најдат. Благослов до сите кои учествуваа во целиот процес, до лекарски тимови, до целата јавност која покажа голема солидарност и ни даде огромна поддршка – појаснува Васил.

Вели дека се уште не го видел неговиот татко, бидејќи според процедурата, постепено ќе го буделе. Раскажува дека се надева како закрепнувањето ќе помине во најдобар ред, дека телото добро ќе го прифати новото срце. Апелира до јавноста да се подигне свеста кога е трансплантацијата во прашање, бидејќи донирањето на органи спасува животи.

-Кога го испраќавме татко ми во операционата сала, тој беше преплашен, целата таа ситуација беше многу емотивна. Се обидов да бидам смирен, па му реков дека сите го чекаме да ни се врати жив и здрав. Кога од клиника ми кажаа дека срцето е прифатено и почнало да чука, беа тоа магични зборови кои ми донесоа едно големо олеснување

Коментари

Популарно