Егзит ќе се одржи од 13 до 16 август

Откако во повеќето балкански земји се укинуваат рестриктивните мерки за спречување на епидемијата на корона вирусот, одредени се новите датуми за 20. роденденска прослава на Егзит. Најголемиот фестивал во балканскиот регион и еден од водечките фестивали во светот ќе се одржи од 13 до 16 август годинава.

Тимот на Егзит најавува и дека целиот настан ќе се организира во блиска соработка со Националниот кризен штаб на Република Србија, а како една од мерките ќе биде и намалување на капацитетот на фестивалот на половина од вообичаените 55.000 посетители дневно. Исто така, ќе бидат затворени и рововите во кои инаку се сместени околу 40 бини и зони. Сепак, најимпресивните места на Петроварадинска тврдина кои го прават Егзит легендарен, како што се колосалната „Денс Арена“, главната бина и култната „Ноу Слип“ бина, како и уште некои сцени, ќе блескаат и ова лето во полн сјај!

Повторното покренување на продажбата на влезниците почнува на 1. јуни, додека повеќе детали за фестивалот, можноста за рефундација и програмата пристигнуваат во претстојните денови. Фестивалскиот тим потврди дека голем број од изведувачите се исклучително желни да настапат ова лето. Многумина беа во изолација со месеци, одвоени од фановите, па Егзит го гледаат како можност за сите повторно да се обединат.

Уште поважно од оживувањето на музичката индустрија е сигналот за надеж и оптимизам кој го испраќаме кон целото општество, а тоа е дека најлошото е зад нас. Помеѓу ширењето паника и оптимизам, ние секогаш го бираме ова второто – порачува основачот на Егзит, Душан Ковачевиќ.

Србија, како и многу европски држави, повторно ќе ги отвори своите граници без никаков лимит или ПЦР тестови. Организаторите напомнуваат дека доколку дојде до нов бран на епидемијата во поединечни држави, посетителите од тие земји ќе мора да поминат на ПЦР тест кој ќе биде бесплатен или со симболична цена. Сепак, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека епидемиолозите очекуваат ситуацијата во цела Европа до август да биде целосно под контрола.

Коментари

Популарно