Укинат уписот на првачиња во тетовско училиште

Откако е утврден Ковид-19 кај наставничка од основното училиште Истигбал во Тетово, 40 други нејзини колеги самоиницијативно потшишале изјави за самоизолација, па процесот за прием на првачиња е прекинат.

Директорот Реџеп Алили по телефон изјави дека и тој е во самоизолација, а потенцира дека наставничката не работела на уписот на нови ученици.

– Пред два дена се дозна дека наша колешка е позитивна. Сите оние кои биле во физички контакт со наставникот самоволно се ставени во самоизолација. Јас утре имам термин да го направам Ковид-19 тестот, а наредните денови и другите наставници треба да бидат тестирани. Колешката не е дел од процесот на упис на учениците, таа предава на вишите одделенија. Исто така според здравствените препораки, тоа се одвиваше во посебна просторија и го прави посебна комисија составена од педагогот, психологот и две наставнички од нижите одделенија. Постапено е по протоколите и за дезинфекција на просторот во и надвор од училиштето. Поради ова, уписот на првачињата во училиштето е во прекин и ќе продолжи после 15 јуни, изјави директорот Алили по телефон.

Раководителот на Секторот за јавни дејности на општина Тетово Ахмед Ќазими го потврди случајот, а рече дека се преземени сите заштитни мерки.

-Таму веднаш се преземени сите превентивни мерки. Наставничката кај која е потврдено присуство на коронавирусот е предметен наставник во повисоките одделенија и не била во никаков контакт ниту со комисијата која го врши уписот на првачињата, ниту со децата и нивните родители. И покрај ова, од превентивни мерки, наставниците со кои таа можела да биде во контакт се ставени во самоизолација, а уписот на првачињата е прекинат до 15 јуни, истакна Ќазими.

Тој информираше дека во останатите основни училишта уписот на првоодделенците се одвива без проблеми и дека се практикуваа сите протоколи со кои се предвува дезинфекција на лицата и носење заштитна опрема.

Коментари

Популарно