Од Понеделник повторно ќе нема полициски час

Од понеделник најверојатно повторно нема да има полициски час. Оваа најава на вчерашната пресконференција стигна од министерот за здравство Венко Филипче. Но, како што и самиот нагласи, тоа го вели со резерва, бидејќи конечната одлука ќе се донесе или утре, или во понеделник наутро. 

Причина за ова може да биде што најголемиот број од новозаболените се со лесни симптоми, што покажувало дека вирулентноста на вирусот слабее, и дека нема да се случи опасното сценарио, односно да се пренатрупаат болниците со пациенти. 

„Ние впрочем, од понеделник најверојатно, и ова ќе го кажам со резерва, бидејќи одлука ќе се носи во недела или понеделник наутро, нема да има никаква рестрикција, ќе биде така како што беше до четвртокот, насекаде. Но, ќе имаме целосен увид, сите позитивни ќе бидат веќе ставени во изолација, ќе ја следиме и нивната состојба. Многу од нив не развија симптоми, 90 отсто веројатно ќе поминат и без никаква терапија. Значи, имавме еден пристап со кој го проценивме ризикот врз здравствениот систем, и плус што имаме доказ дека вируленцијата опаѓа“, рече министерот. 

Тој признава дека откако настапи полицискиот час, се пренатрупаа туристичките места во земјава. Но нагласи дека мерките секаде и сега и во иднина ќе мора да се почитуваат, бидејќи во следните чекори се очекува ново олабавување на мерките, како што се отворање на хотелите и слично.

„Сметам дека можеби поголем број граѓани заминаа, но тоа се очекува кај продолжен викенд. Но, мора да се почитуваат мерките. Ние ќе треба да научиме да живееме со ова и понатаму. Секој следен викенд ќе биде со убаво време, и е можност луѓето да заминат во туристичките места. Инаку, ние во мерките за олабавување кои се планирани во следните чекори, планираме и отворање на хотелите и тн. Затоа, каде и да одат граѓаните, овие мерки се универзални и важат за сите, односно максите, дистанцата и честото миење на рацете“, нагласи првиот здравствен работник.

Инаку, откако се појавија новите драстично зголемен број на случаи, здравствените власти почнале со интенивни тестирања.

„Што ни покажаа првичните резултати откако повторно почнаа да доаѓаат случаи? Во рамките на семејствата, околу оние семејни настани на 24 и 25 мај, и неколку дена претходно, се покажа дека има одреден процент на асимптоматски носители, и заради тоа интензивно ги истестиравме сите примарни контакти на претходно дијагностицираните, најголем дел од околу 15 семејства од Скопје. Но, 90 отсто од нив се асимптоматски, а другите имаат сосема лесни симтоми. Ова го направивме со цел да се процени ризикот за здравствениот систем, да се процени дали може да се очекува некаква тешка форма на болеста кај новодијагностицираните и да се соочиме со сценарио во кое би се пренатрупале болниците. Но тоа не е случај, и тоа го докажавме со ова интензивно тестирање на примарните асимптоматски контакти. Кај членови на едно семејство, само еден член има лесни симптоми, останатите девет се асимптоматски носители. Значи, моравме да процениме дали има опасност капацитетот на болеста да прерасне во тежок, што не се случува во изминатите две недели, значи дека има податок дека вируленцијата опаѓа, а во исто време знаеме и дека не е здравствениот систем во ризик. Затоа се зголемија тестирањата, и во семејствата кеде некои членови немаат никакви симптоми. И сега имаме јасна слика“, нагласи Филипче.

Последниот селективен карантин, кој важи само за некои општини, тој го правда што овие заболени дале податок дека се движеле низ целиот град Скопје.

„Моравме да ја направиме оваа рестрикција за да се заштити целиот главен град. Мислам дека на другите места каде што има спорадични случаи нема потреба од целосна рестрикција“, објасни министерот.

Коментари

Популарно