Потресна приказна на македонска мајка која ги оставила децата во дом: Мамо, не оди, поседи со мене уште малку!

-Мамо те молам не си оди, поседи со мене уште малку – биле зборовите на шест годишната Моника, кои што при секоја средба во домот за деца ,,11Октомври’’ во Скопје и ги кажувала на својата мајка Драгица. Освен Моника, во домот е сместен и Христијан, нејзниот четиринаесет годишнен син, но тој сакајќи да покаже дека е силен и доволно возрасен, ги криел солзите и емоциите при разделбите.

До Драгица Јованова, четириестидве годишна мајка од Кратово дојдовме лесно. Нејзиниот оглас кој што веќе со месеци се објавува секојдневно во еден дневен весник е тешко да не се забележи.

,,Самохрана мајка на две деца бара дом! Барам сама жена или семејство кои се без деца, за да можам да бидам сместена кај вас, да можам да побарам работа и да можам да си ги вдомам децата. Домот го барам во Скопје или околните населби, работа барам како чистачка или садомијачка’’ – напишала таа.

,,Животот ми е пекол. Можат да ме разберат мајките кои што морале да се разделат од своите деца, оти поголема тага од таа нема. Живеам во Кратово со мајка ми, немаме никакви услови. Еден период бев и бездомничка, имав здравствени проблеми… Син ми Христијан го дадов во дом кога имаше пет години, не можев да заработам доволно за живот, бевме гладни, немавме кров над глава. Татко му не сакаше да се грижи за нас, си замина и не се сврте ниту по детето, ниту по мене. Пред шест години во вонбрачна врска ја родив и Моника. Се мачев долг период да и обезбедам нормален живот, но пред една година се разболев, имав психички проблеми. Не можев да се грижам повеќе за неа и ја однесов во домот кај брат и. Не ме прашувајте како се разделивме. Не ме прашувајте како реагираше ќерка ми… Што и кажав, што и ветив… Нејзниот плач – Мамо, мамо не оди, не ме оставај… Многу ми е тешко да зборам за тоа’’ – раскажува Драгица.

Таа додава дека Моника сеуште очекува повторно да живее заедно со неа, па затоа и собрала сила и барала помош од хуманите граѓани, организации, од институциите, да и обезбедат сместување, да и најдат работа.

,,Имам завршено само основно училиште. Одев на обука за нега на стари лица, еден период се грижев за една старица. Тоа знам да го работам, но би се нафатила да работам и во кујна, било каде… Најважно ми е да најдам сместување, да имам редовни примања. Не барам многу, не барам луксуз, само да можам да си ја земам Моника со мене и да се грижам за неа. Син ми вели дека не сака да ми биде на товар, свесен е дека имам многу тешкотии, па како утеха ми кажува дека нема да се лути ако ја земам само сестра му, оти е помала, но би бил среќен кога би нашала сместување и работа во Скопје, за да можам често да го посетувам’’ – вели Јованова.

Додека разговараме, таа не престанува да плаче. Вели дека никогаш не мислела како животот ќе си поигра со неа, но и со судбините на нејзините деца.

,,Зимоска ми се јави едно семејство од Скопје, ми понуди сместување. Во тој период бев болна, не можев да заминам во Скопје. Изгубив контакт со нив, најверојатно веќе нашле друга помошничка. Немам интернет, Фејсбук профил или нешто слично, не би можела сама да барам работа и помош преку компјутер, затоа го оставив само мојот телефонски број во огласот. Сакам да упатам апел до сите кои што ја разбираат мојата тага и болка да ми помогнат. Добредојдени се парични средства, имам трансакциска сметка, но најмногу ќе ми значи сместување и работа во Скопје. Немам потреба засега од облека и мебел, оти немам ниту каде ги оставам. Животот со мајка ми е многу скромен, таа има минимални примања, свесна сум дека не можам да останам кај неа. И јас самата сум мајка и мислам дека заслужувам општеството да ми пружи шанса да бидам заедно со моите деца’’ – тврди Драгица. Вели дека не примала алиментација за Моника и Христијан, немала никакви редовни примања, но би сакала да работи и сама да може да си ги издржува децата.

,,Секој денар го тргам на страна, гладувам за да соберам пари и да отидам во Скопје, во домот, за да си ги видам децата. Живеам за тие средби, но и секој пат ми го кршат срцето. Да мораш да го пуштиш расплаканото дете од прегратка и да си заминеш, на секое видување да му ветуваш дека бргу ќе се вратиш, дека ќе си живеете заедно… Сето тоа е премногу тешко. Ги молам сите кои што ќе ги допре оваа моја приказна да ми помогнат, не се плашам од работа, само да си бидам заедно со децата’’ – вели мајката.

По разговорот со неа ни остана грутка во грлото. Не може, а да не се помисли на детските очи кои што секој ден гледаат во прозорецот и ја очекуваат својата мајка. Ниту пак на разделбите и ветувањата дека еден ден се ќе се среди и малата Моника и Христијан, кој што се труди да биде голем брат, ќе имаат топол дом и ќе заспиваат под ист покрив со нивната мајка.

Затоа, сите кои што сакаат и можат да и помогнат на Драгица, можат да ја побараат на телефонскиот број 075 818 773.

Фокус.мк

Силјановска Давкова победи во 60 општини, Пендаровски во 3, Османи во 15, Таравари и Димитриевски во по една

Гордана Силјановска Давкова, претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашниот прв круг избори за шеф на државата, победи во 60 општини во земјава, кандидатот на СДСМ Стево Пендаовски освои најмногу гласови три, Бујар Османи од ДУИ во 15, а Арбен Таравари од Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ во по една општина. 

Гордана Силјановска Давковска победи во: Аеродром (51,48 %), Берово (54,92 %), Битола (48,44%), Богданци (49,59 %), Босилево (57,61 %), Брвеница (33,54 %), Бутел (43,91%), Валандово (50,29 %), Василево (60,18 %), Вевчани (56,15 %), Велес (53,57 %), Виница (56,71 %), Гази Баба (53,68 %), Гевгелија (52,62 %), Ѓорче Петров (51,58 %), Градско (64,27 %), Дебарца (57,06 %), Делчево (47, 08 %), Демир Капија (54,77%), Демир Хисар (52,92 %), Дојран (52,58 %), Зелениково (53,35 %), Зрновци (61,15 %), Илинден (62,96 %), Јегуновце (47,49 %), Кавадарци (50,84 %), Карбинци (61,22 %), Карпош (40,82 %), Кисела Вода (57,67 %), Кичево (39,84 %), Конче (57,85 %), Кочани (53,10 %), Кратово (62,84 %), Крива Паланка (47,05 %), Кривогаштани (54,84 %), Лозово (53,09 %), Македонска Каменица (50,96 %), Македонски Брод (55,86 %), Могила (63,48 %), Неготино (49,02 %), Новаци (61,88 %), Ново Село (56,84 %), Охрид (53,89 %), Петровец (59,05 %), Пехчево (53,97 %), Прилеп (51,42 %), Пробиштип (52,03 %), Радовиш (56,34 %), Ранковце (54,34 %), Ресен (47,64 %), Росоман (51,36 %), Свети Николе (57,63 %), Сопиште (49,44 %), Старо Нагоричане (37,59 %), Струмица (47,06 %), Центар (39,98 %), Чашка (32,70 %), Чешиново-Облешево (58,93 %), Чучер Сандево (36,35 %) и во Штип (53,44 %),

Стево Пендаровски освои најмногу гласови во: Крушево (43,02 %), Маврово и Ростуша (44,04 %) и во Центар Жупа (34,95 %).

Бујар Османи победи во: Арачиново (53,51 %), Боговиње (55,33 %), Врапчиште (58,02 %), Дебар (49,88 %), Долнени (32,95 %), Желино (49,45 %), Липково (56,83 %), Пласница (66,91 %), Сарај (55,49 %), Струга (39,38 %), Студеничани (50,54 %), Теарце (41,30 %), Тетово (37,91 %), Чаир (40,65 %), Шуто Оризари (37,11 %)

Арбен Таравари освои најмногу гласови во Гостивар (32,26 %), а Максим Димитриевски во Куманово (22,89 %). 

Времето денес со повремени врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.

Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.

Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

Популарно