Бавна и болна смрт: Медицината откри како починал Христос распнат на крстот

Губење на крвта, гушење, престанок на работата на срцето, собирање течност во белодробната и срцевата обвивка, дехидрација, тотална исцрпеност… се конкретните физички причини за смртта на Исус Христос по неговото распнување на Велики петок, пишува дневниот весник „Дневник“.

До вакви сознанија дошле медицинските стручњаци што досега се занимавале со анализите на физичките и на медицинските причини што ѝ претходеле на смртта на синот Божји.

Распнувањето на крстот, кое во тоа време било најсурова казна со која Римјаните ги казнувале робовите, неримјаните, револуционерите и најлошите криминалци, било најтешката мака на која бил изложен. Меѓутоа, и претходно бил изложен на ужасно физичко казнување, поради што неговиот организам доживеал шок, исцрпеност, загуба на крв… Всушност, страдањата на Исус Христос почнуваат од денот на неговото апсење од страна на римските војници, по Тајната вечера на Величетврток, кога бил предаден од Јуда.

Големи лузни по телото

-Потта му беше како капки крв што паѓаа на земјата… – стихот од Евангелието по Лука за случувања по Тајната вечера е прв знак дека Исус почнал да доживува душевни страдања, кои им претходеле на физичките. Ова било запишано и во анализата за неговата физичка смрт, која ја направила група на научници од познатата американска клиника „Мејо“. Тие објаснуваат дека воопшто не е неверојатно и изненадувачки во тие моменти од телото на Исус да капела крв.

Објаснувањето за ова е дека и други медицински случаи потврдуваат дека во случај на голем емоционален стрес крвните садови во кожата може да пукнат и да предизвикаат крвавење преку кожата и потта.

Ова крвавење во својот труд „Медицински аспекти на Исусовите маки и физичката смрт“ го посочил и доктор Роберт Семниц од Институтот за онкологија од Сремска Kаменица во Србија, кој посочува дека ново малтретирање Исус доживеал кога бил удиран со тупаници додека бил сослушуван пред Синдерионот.

– По ова, Исус бил изложен на камшикување со камшици направени од кожени ленти, на кои имало метални топчиња и остри парчиња од коски на животни. Тие биле направени така за да направат што поголеми оштетувања на кожата. Војниците го удирале по грбот, нозете, рацете, а камшикувањето зависело од водачот на војниците. Kамшикувањето предизвикало силно крвавење. Потоа војниците му ставиле круна од трње и го удирале по главата со дрвени палки. Сето тоа било голем шок и исцрпување за неговиот организам – објаснува д-р Семниц.

По ова, Исус го поминал патот долг околу 600 метри по Виа долороса (Патот на солзите), носејќи го горниот дел од крстот тежок четириесетина килограми, повторно удиран, поради што паѓал трипати. При тоа можело да биде повреден и од товарот што го носел.

Четиричасовна агонија

Американските научници посочиле дека клиновите со кои биле заковани рацете и стапалата на Исус на крстот биле долги од 12,5 до 18 сантиметри.

– Му биле прободени рачните зглобови, а не дланките, бидејќи коските на рачните зглобови можат да ја издржат тежината на телото, а на дланките не. Kлиновите поминале помеѓу главната долга коска и средниот нерв, што предизвикало голема болка. Главните крвни садови не биле пробиени за да не искрвави до смрт. Стапалата му биле заковани помеѓу втората и третата метатарзална коска за тежината на телото да може да се наслони на тие клинови. И таму не биле прободени главни крвни садови, но болката била огромна – потенцираат американските стручњаци.

Српскиот доктор Симниц се надоврзува на ова и објаснува дека таквата положба на распнатото тело најмногу го нарушува дишењето.

– Таа го фаворизира вдишувањето, но го отежнува издишувањето. Со тоа брзо се зголемува нивото на јаглероден диоксид во крвта, а опаѓа нивото на кислородот. Тоа создава ацидоза, односно скиселување на крвта. За да вдиши воздух, Исус морал да го крева телото нагоре, а тоа предизвикувало силна болка, брзо го исцрпувало телото. Во таква ситуација тешко зборувал, и починал. Причините за смртта на крстот се многубројни, пред сѐ губење крв, целосна исцрпеност, задушување, престанок на работата на срцето – објаснува докторот.

Од описите на распнувањето се заклучува дека Исус Христос починал три до четири часа откако бил распнат. Тоа не било невообичаено во тоа време иако имало описи дека некои жртви на крстот се мачеле и три-четири дена пред да умрат.

Крв и вода во градите

Во Евангелието според Јован е наведено дека откако Исус ја испуштил душата на крстот, римските војници со копје му ги проболе ребрата и дека тогаш „истекле крв и вода“.

– Водата што истекла била течност од градите и од срцето. Собирањето на оваа течност е нормално во случаи на инфаркт и на голема загуба на крв – нагласуваат американските стручњаци.

НАСА: Астероид со големина на облакодер ќе помине покрај Земјата

Астероид голем колку облакодер денеска ќе помине на 2,7 милиони километри од Земјата.

„Но, не грижете се бидејќи шансите да не удри астероид се многу мали“, пишува Гардијан.

Центарот на НАСА за проучување на објекти блиску до Земјата проценува дека астероидот е широк помеѓу 210 и 480 метри. Ова значи дека астероидот би можел да биде сличен по големина на Емпајер Стејт Билдинг во Њујорк или Кулата Вилис во Чикаго.

Откриен во 2008 година, астероидот е означен како 2008 OS7. Нема да ни се врати до 2032 година, но ќе биде многу подалечна средба бидејќи тогаш ќе биде на повеќе од 72 милиони километри од Земјата.

Безопасното прелетување е едно од неколкуте прелетувања на астероиди оваа недела. И три многу помали астероиди денеска безопасно ќе „прозујат“ покрај Земјата. Овие астероиди немаат дијаметар поголем од десет метри. Два астероиди ќе поминат покрај Земјата во сабота, додека астероид со големина половина од 2008 OS7 ќе го направи тоа во недела.

ВИДЕО: Огромен древен град стар 2.500 години пронајден во Амазонската прашума

Живеалиштата во регионот Упано во Источен Еквадор биле поврзани со неверојатна мрежа од патишта и канали. Тие се наоѓаат во близина на вулкан кој ја направил земјата плодна, но кој можел да предизвика уништување на заедницата. Иако се знаело за градовите во висорамнините на Јужна Америка, како што е Мачу Пикчу во Перу, се верувало дека во Амазонија луѓето живеат само во номадски, мали заедници, пишува Би-Би-Си.

„Ова е постаро од која било друга локација за која знаеме во Амазонија. Имаме евроцентричен поглед на цивилизацијата, но тоа покажува дека мораме да ја промениме нашата идеја за тоа што е култура и цивилизација“, изјавил директорот на францускиот Национален центар за научни истражувања, Стефан Ростен, кој го водеше истражувањето.

Антоан Дорисон, кој исто така е вклучен во истражувањето, навел дека ова откритие го менува погледот на амазонската култура.

„Повеќето луѓе веројатно замислуваат мали, голи луѓе кои живеат во живеалишта и расчистуваат земјиште. Ова покажува дека древните луѓе живееле во комплицирани, урбани заедници“, додава тој.

Археолозите претпоставуваат дека градот бил изграден пред 2.500 години и дека луѓето живееле во него 1.000 години. Тешко е да се процени точно колку луѓе живееле таму, но постои можност сигурно да имало 10.000, ако не и 100.000.

За време на истражувањето, извршени се археолошки ископувања на 300 квадратни километри, а при летовите на авионите биле користени ласерски сензори за да се утврди присуството на остатоци од древниот град под бујната вегетација. Се верува дека многу од живеалиштата биле користени како куќи, додека некои биле користени за церемонијални цели. Дорисон ја издвои патната мрежа како особено импресивна, опишувајќи ја како високо софистицирана мрежа.

Пронајдени се и канали за кои се верува дека служеле за управување со водите, влезови со блокади, што укажува дека можеби имало закана од други луѓе, камења за мелење растенија и изгорени семиња.

Древниот град во Амазонија е пронајден во првото сеопфатно истражување кое траело 25 години. Откриено е големо, сложено општество кое можеби е дури и поголемо од народите на Маите во Мексико и Централна Америка.

„Замислете дека сте откриле друга цивилизација како Маите, но со сосема поинаква архитектура, користење на земјиштето, керамика“, вели Хосе Ириарте, професор по археологија на Универзитетот во Ексетер во Англија, кој не бил вклучен во ова истражување.

Како што истакна, некои од овие пронајдоци се единствени за Јужна Америка. Тој посочи дека заедницата во овој град била добро организирана и поврзана. Не се знае многу за луѓето кои живееле таму и какво било нивното општество. Се верува дека биле фокусирани на земјоделството, дека јаделе пченка и сладок компир и дека пиеле чичу – вид слатко пиво.

Професорот Ростен истакна дека бил предупреден за ова истражување на почетокот на неговата кариера бидејќи се верувало дека во Амазонија не живееле древни заедници.

„Но, бев многу тврдоглав, па сепак го направив тоа. Морам да признаам дека сум многу среќен што го направив ова големо откритие“, рече тој.

Следниот чекор за истражувачите е да разберат што се наоѓа во соседната област од 300 квадратни километри којашто е сè уште неистражена.

Храм со можна поврзаност со Александар Македонски откриен во Ирак

Археолози од Британскиот музеј во Лондон откриле два храма, едниот изграден врз другиот, во антички град во Ирак. Поновиот храм, се чини, датира од четвртиот век п.н.е. и има можна поврзаност со култот кон древниот бог Херакле и со Александар Македонски, иако неговото име не е спомнато.

Постариот храм е пронајден при ископувања кај древниот сумерски град Гирсу, близу денешната населба Тело во југоисточен Ирак. Ископувањата се дел од тековниот потфат именуван „Проект Гирсу“. Остатоците од постариот сумерски храм биле пронајдени на истото место, под поновата градба којашто била посветена на Херакле и неговиот сумерски еквивалент, богот-херој Нингирсу

– Фактот дека (поновиот, з.п.) храм бил подигнат на истото место каде што 1.500 години претходно се наоѓал другиот храм, не е случајно, а местото морало да има одредено значење за луѓето од Месопотамија. Тоа покажува дека жителите на Вавилонија во (четвртиот, з.п.) век п.н.е. имале огромно познавање за нивната историја. Наследството на Сумерите сè уште било многу живописно, појасни Себастијен Реј, археолог и куратор за Месопотамија во Британскиот музеј кој го предводи ископувањето, во изјава за „Лајв сајенс“ (Live Science).

Кај поновиот храм е пронајдена и плочка од печена глина со зачуван натпис на арамејски и хеленски-коине јазик, што се однесува на „дарителот на двајца браќа“ – можна алузија на македонскиот владетел кој освоил голем дел од тогаш познатиот свет за време на неговото 13-годишно владеење од 336 година до 323 г. п.н.е. 

– Тој натпис е многу занимлив, бидејќи се споменува енигматично вавилонско име напишано на грчки и арамејски јазик. Поимот „Ададнадинаке“, што значи – „Адад, дарителот на браќата“, е јасно избрано како свечена титула поради неговиот архаичен тон и симболичните конотации. Сите докази укажуваат на фактот дека името било извонредно ретко, додава истражувачот.

На наоѓалиштето, археолозите откриле сребрена паричка драхма, закопана под некаков олтар или светилиште, како и плочката со натписот.

– Самиот натпис е поздрав до Зевс, грчкиот врховен бог, кој честопати е прикажан со гром и орел. И двата симболи може да се најдат на монетата, којашто веројатно била искована во Вавилон под власта на Александар Велики. Го прикажува и Херакле во младешка возраст, изјави Реј.

Богот Зевс (инаку еквивалент на древномакедонското божество Дион), бил замислен предок на Александар, слично како и египетскиот бог Амон. Сè ова укажува дека Александар Македонски можеби директно и активно бил вклучен во обновувањето на светилиштето и оти можеби бил предвиден и споменик со ликот на Македонецот за во храмот по неговата смрт, велат археолозите.

– Тој можеби имал можност да оди таму – или за време на неговиот престој во Вавилон, или по патот кон (градот) Суза. Значајно е тоа што тој можел да ги плати своите војници откако го зазел Вавилон, бидејќи градскиот ковчег му бил предаден. Ова значело дека Александар и неговите војсководци имале контрола врз богатството на тоа подрачје и веројатно го користеле вавилонското сребро за изработка на многуте монети што биле ковани во градот. Пронајдените фигурини, што потекнуваат од низа места во хеленистичкиот свет, во многу случаи морало да бидат носени во храмот од посетителите. Меѓу нив се и македонските коњаници кои имале силна приврзаност со Александар Македонски. Така, тие можеле да се поврзат и со култот на воинственото херојство, објасни Реј.

Сепак, научниците сè уште не можат со сигурност да потврдат дали македонскиот владетел навистина го посетил ова место.

Инаку, името на Александар Македонски го има на други пронајдени вавилонски записи од тоа време. На почетокот на овој 21. век се пронајдени и преведени тн. „Астрономски дневници“ од 4. век п.н.е. Во еден напис, како што пренесува и холандскиот професор Јона Лендеринг, се чита: А-лек-са-ан-дар, како што биле испишани слоговите со клинесто писмо. Историчарите ги искористиле астрономските податоци од овие записи за да го одредат времето на смртта на македонскиот освојувач, а тоа бил денот меѓу вечерните часови на 10 јуни и 11 јуни 323 година п.н.е. 

Популарно