Нов Закон за пушење цигари во угостителски објекти: Каде ќе смее да се пуши?

Група на пратеници од владејачкото мнозинство поднесоа иницијатива за измена на законот за заштита од пушењето во скратена постапка поради влошената економска состојба на угостителите кои во последните години поради ригорозните мерки и екстремно високите казни имаат намален промет, а морале и да отпуштат дел од своите вработени.

 

Една од клучните измени која се предвидува со новите законски измени е да се даде можност сопствениците да определат посебна просторија за пушачи, а сите останати делови јасно да ги означат како забранети за пушење цигари.

„Во објектите во кои се сместуваат гости, може да се определат соби за сместување за пушачи, но најмногу до 30 проценти од вкупниот капацитет на објектот" стои во предлогот за измена на членот 3.

Исто така измени ќе претрпат и одредбите кои го регулираат пушењето надвор од објектите.

Во членот 3 ставот 1 се менува и гласи:

„Се забранува пушењето во јавните простории од членот 2 на овој закон. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично), исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или 11 најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со тенди, чадори и слично, а кој странично е заграден (дискоклубови на отворен простор, тераси, летни бавчи и слично)."

Пратениците исто така планираат и промена за правните лица.

„Во јавните простории од член 2 на овој закон, одговорното лице на правното лице ќе определи просторија во која може да се пуши, доколку има можности, а во сите други простории ќе истакне знак за забрана на пушењето и ќе обезбеди контрола на забраната на пушењето. Определувањето на јавни простории и истакнувањето на знакот за забрана на пушењето од став 1 на овој член ќе се изврши во рок од 60 дена од влегувањето во сила на овој закон" стои во предлог измените на Законот за заштита од пушењето.

Решенијата содржани во предложените одредби се меѓусебно поврзани, и со истите се дава можност за заштита на правото на слободен избор и правото да се ужива во своите граѓански права, сметаат предлагачите на законот.

Уште во текот на изборната кампања се говореше дека СДСМ планира законски измени за полиберален пристап во регулацијата на пушењето на цигари на јавни места со цел да им се излезе во пресрет на угостителите, но истовремено да се обезбеди и доволен простор за непушачите.

Во предлог измените нема конкретни ставки на пример за наложување на угостителите да обезбедат соодветни внатрешни услови за вентилација или нејзино засилување според актуелните законски одредби.

Приватните специјализанти четврти ден на штрајк

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска Чешлароска.

Таа појасни дека затоа сакале веднаш да се остварат првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување. Притоа, истакна, дека со оглед на тоа што тие две барања за кои барале итно да бидат решени, не биле решени, тие ќе продолжеле со нивниот штрајк.

-Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска Чешлароска.

На новинарско прашање, таа одговори дека до сите катедри упатиле барање за поддршка. Јавно се заблагодари на професорката од Медицински факултет, инаку од клиниката за ревматологија, што вчера им даде поддршка. (МИА)

Грејната сезона продолжува поради временските услови

АД ЕСМ ги информира потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата „Енергетика“, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

Оваа информација е во согласност со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за хидрометеролошки работи. Снабдувањето со топлинска енергија во согласност со регулативата по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена до 30 април во зависност од временските услови, велат од ЕСМ.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ, се додава во соопштението на ЕСМ.

Изнемоштените и болните до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори

Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

-Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник), се посочува во Роковникот на ДИК.

Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април.

Популарно