Почина професионален војник на АРМ по гаснење пожар на Криволак

Професионалниот војник О.Х. (35) починал синоќа во Здравствениот дом во Неготино, откако претходно со свои колеги учествувал во гаснење пожар на армискиот полигон Криволак, кој избувнал по извршено планско гаѓање од страна на единица на АРМ.По завршување на интервенцијата, професионалниот војник најпрвин пријавил дека не се чувствува добро, по што видно му се слошило. Веднаш со армиско болничко возило и придружба на воен лекар бил упатен кон најблиската здравствена установа, во случајот здравствениот дом во Неготино, каде по пристигнувањето од страна на персоналот се пристапило кон реанимација, но по кратко време била констатирана смрт, соопшти Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

Случајот и причините за овој несреќен случај во текот на вечерните часови се испитувале од страна на истражен судија кој извршил увид.По објавувањето на официјалниот извештај за обдукција од Институтот за судска медицина во Скопје, ќе се утврдат причините поради кои настанала смртта кај професионалниот војник за што од Генералштабот на АРМ најавуваат дека дополнително ќе ја информира јавноста.

Oд пратеник – генерален директор, од министер – пратеник

Од пратеник – генерален директор, од  министер – пратеник. Двајца функционери од власта денеска направија рокади со функциите, информира Телма.

Васко Ковачевски од СДСМ, го напушти пратеничкото место за позицијата генерален директор во РЕК Битола. Неговото место ќе го земе Самка Ибраимовски, кој се откажа од функцијата министер без ресор, за да стане пратеник. Но, дали е тоа чекор напред или чекор назад?

Ковачевски вели дека,  новата функција ќе му биде предизвик. Навести поголеми промени во владиниот состав.

Пратеникот Артан Груби, денеска кусо одговори дека преговорите за новите министри завршиле.

Досегашниот министер тврди дека рокадата не ја прави под притисок  да ослободи место за коалиционите партнери. Вели дека не му е важна функцијата. Ги остварил програмските цели за 2018 година и го зголемил буџетот на министерството за 10 милиони денари.

Ибраимовски не го откри името на неговиот наследник, за кој рече дека е правник по струка со долгогодишно искуство.

Се уште е неизвесно дали Алијанса за Албанците ќе го задржи министерското место во Здравство, се очекува да биде избран и заменик министер за образование, а и од БЕСА, би размислиле да и се приклучат на власта иако тврдат дека засега немаат таква понуда.

Оставките на Ковачевски и на Стево Пендаровски, кој замина на позицијата Национален координарот за НАТО, ќе бидат потврдени на утрешната собраниска седница.

На истата седница, свечена заклетва ќе дадат и нивните наследници, Самка Ибраимовски и Далибор Богдановски.

Нов закон за безбедност во сообраќајот: Децата ќе полагаат на 17 години, пензионерите ќе возат до 70 години

Овој четврток по повеќе од четири месеци собраниска процедура пред пратениците треба да се најдат измените на Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата. Измените предвидуваат усогласување со европската пракса во насока на регулирање на работата на автошколите и  зголемување на границата за стекнување возачка дозвола и управување со моторно возило.

Со измените на законот се предвидува дете да може да се стекне со право на оспособување за управување со моторно возило од „Б“ категорија, доколку наполнило 17 години, наместо досегашните 16 години. Истовремено измените предвидуваат на лицата кои во време на издавањето на возачката дозвола имаат повеќе од 55 години возраст, возачка дозвола им се издава со рок на важност до денот на навршувањето на 70 години возраст, наместо досегашните 65 години. Во таа насока на лицата до 70 години им се издава возачка со важност од 3 години.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е релативно нов закон, од 2015 година и беше усвоен со европски предзнак, што укажува дека во најголем дел е усогласен со регулативите на Европската унија.

Целта на Предлог на законот е регулирање и унапредување на состојбите во однос на поголема безбедност на сообраќајот на патиштата. Како и воспоставување на соодветни и фер критериуми за оставарувања на правата на возачачите на сите возрасти и од сите категории, вели предлагачот на Законот.

Први во светот: Скопје урива рекорди со загадениот воздух

Скопје руши рекорди со загадениот воздух, ситуацијата е алармантна, а нивото на штетни ПМ10 честички е многу високо. Главниот град е прв на листата на најзагаден во светот.

Градовите во Индија, Бангладеш, Пакистан, Индија, Монголија, Кина…на листата се далеку зад главниот град на Република Македонија. Македонската метропола се најде на врвот на листата според загаденоста на воздухот пред градови како Делхи и Калкута во Индија, Лахор во Пакистан, Улан Батор во Монголија, Ченгду и Пекинг во Кина.

Скопјани утрово ги разбуди магла „зачинета“ со специфичен мирис на платистика. Апликацијата „Мој воздух“ забележа присуство на 383 ПМ 10 честички на кубен метар во населбата Карпош, 316 во Центар, 291 во населбата Лисиче, 261 во Гази Баба и дури 395 ПМ 10 честички на кубен метар во реонот Ректорат.

За разлика од скопјани кои денеска дишат најзагаден воздух во светот, најчист воздух дишат жителите на Брисел, Лисабон, Будимпешта, Прага и Загреб.

Рангирањето на градовите во светот според загаденоста на воздухот може да се следи преку апликацијата „Квалитет на воздухот“ (Air Quality), која ги прикажува податоците од загадувањето во реално време. Загаденоста се мери преку единствен индекс, кој го сочинуваат вредностите на штетните ПМ 10 честички, јаглерод моноксид, натриум диоксид, сулфур диоксид и озон. Во Скопје утрово овој индекс изнесуваше 191, што е највисок споредено со сите други градови во светот. За споредба, градовите со најчист воздух денеска имаат индекс 10.

Маглата која го зафати скопскиот регион предизвика проблеми во авиосообраќајот. Дел од летовите на скопскиот аеордром се откажани, а дел се пренасочуваат на аеродромите во Охрид и Приштина.

Според информациите објавени на веб страницата на скопскиот аеродром, откажани се полетувањата за Истанбул, Виена, Базел, Будимпешта и Дубаи, а реализирани се само летовите за Љубљана и Дортмунд.

На скопскиот аеродром слетале само авионите од Љубљана, а откажани се летовите од Истанбул и Виена. Летовите од Дубаи, Брисел, Лондон и Будимпешта се пренасочени кон Охрид и Приштина.

Популарно