Четворицата обвинети за грабежот во „НЛБ банка” признаа вина, но не открија каде се парите

На денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 Скопје во врска со грабежот во „НЛБ банка” четворицата обвинети признаа вина за кривичните дела што им се ставаа на товар.

Скопското обвинителство соопшти дека четворицата се изјаснија за виновни дека со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра.

Тие на 10 април извршиле кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра. Иако ги признале во целост наводите од обвинителниот акт, обвинетите не откриле што сториле со украдените парични средства.

Согласно со Обвинителниот акт, првообвинетиот се гонеше за сторени кривични дела – затајување од член 239 став 5 во врска со став 3 и 1 и во врска со член 45, што значи дека делото е сторено повеќепати во низа како повеќекратно остварување на истото дело, како и за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 3 од Кривичниот законик. Второто лице се товареше за истите кривични дела – затајување и тешка кражба, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање. Третиот обвинет со обвинителниот акт се товари за кривичното дело – тешка кражба со помагање, додека, пак четвртото, лице е обвинето за кривичното дело – затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство.

Откако обвинетите ја признаа вината, судијата закажа рочиште на 27 октомври, на кое ќе бидат изнесени завршните зборови во предметот против нив.

За кривичното дело – тешка кражба од член 236 став 3, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од 3 месеци до 10 години. За кривичното дело од член 239 став 5 – затајување, законикот пропишува затворска казна од една до 10 години.

Надлежниот обвинител кој постапува во предметот до судот достави и обвинителен предлог против други четири лица, на кои како одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг работи, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ.

Две лица се товарат дека сториле кривично дело – несовесно работење во службата од член 353 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик, што предвидува вршење кривично дело од продолжен вид, додека другите двајца се товарат за истото кривично дело – несовесно работење во службата, но за негово еднократно сторување.

Постапката против овие четири лица продолжува одвоено.

Приватните специјализанти четврти ден на штрајк

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и понатаму. На денешниот, четврти ден од генералниот штрајк, беше изразена осуда за притисоците што ги имаат од клиниките и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина, трета година, рече дека сака да ги охрабри сите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска Чешлароска.

Таа појасни дека затоа сакале веднаш да се остварат првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување. Притоа, истакна, дека со оглед на тоа што тие две барања за кои барале итно да бидат решени, не биле решени, тие ќе продолжеле со нивниот штрајк.

-Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, во понеделник, во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска Чешлароска.

На новинарско прашање, таа одговори дека до сите катедри упатиле барање за поддршка. Јавно се заблагодари на професорката од Медицински факултет, инаку од клиниката за ревматологија, што вчера им даде поддршка. (МИА)

Грејната сезона продолжува поради временските услови

АД ЕСМ ги информира потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата „Енергетика“, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

Оваа информација е во согласност со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за хидрометеролошки работи. Снабдувањето со топлинска енергија во согласност со регулативата по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена до 30 април во зависност од временските услови, велат од ЕСМ.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ, се додава во соопштението на ЕСМ.

Изнемоштените и болните до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори

Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

-Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник), се посочува во Роковникот на ДИК.

Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април.

Популарно