Животот за Македонија доаѓа во Париз со повисоки даноци

Поминаа само 7 дена од мојата последна колумна, а на политичката сцена во Македонија се случија толку многу работи, што не можам да одберам само една на која би искуцал страна-страна и пол. Затоа вака, расцепкано и кратко, се надевам и јасно.

На фотографијата е и претседателот на Р.Македонија, чисто да се потсетиме дека го имаме

ВМРО ДПМНЕ

По катастрофата во првиот круг на локалните избори, Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ, повторно решија да свртат нов лист. Во гостувањето на Алфа пред некој ден и уште повеќе при обраќањето во Штип, лидерот на опозицијата најави враќање кон традиционалните вредности на својата партија. Она за што беше критикувана партијата со години, а посебно по изборниот дебакал, конечно стигна до ушите на лидерот, па реши да го послуша народот или барем да каже дека ќе го послуша. Истиот тој Гуевси пред ДИК во Декември имаше сличен говор и остана на говор. Истата таа ВМРО ДПМЕ донесе проглас или манифест или двете.. и остана на тоа. Зошто сега би било различно?

ДИК

Државната изборна комисија по циркузот по парламентарните избори минатата година во Декември, успеа да се надмине. Сега имаше и помош:

Извадок од управен суд одлука: разликата помеѓу бројот на избирачи потпишани во изводот на избирачкиот список кои гласале - 415 и бројот на гласачки ливчиња внесени во гласачката кутија - 414 не е основ за поништување на гласањето според одредбите од член 151 од Изборниот законик.

Да потсетиме, лани се прегласуваше една гласачка кутија, затоа што ливчето беше ставено во кутијата со се кочанот!!!

Владата

И додека сите медиуми намерно се занимаваат со ВМРО ДПМНЕ во исчекување на одговорност на Никола Груевски и следните чекори на партијата, Заев и другарчињата ни спремаат покачување на даноците. Најверојатно ДДВ ќе оди над 20%, а можно е и да се зголемат придонесите на сите вработени. Секако, за ова не е виновна новата влада. НИ МАЛКУ!!! Туку лошите претходници. Режимот! Овие што нудеа живот и просечна плата од 500евра, они се жртви. Сироти! Не сакаат они вака, ама мора се! Тоа што не задолжија како држава за половина милијарда за нецели два месеци, е исто така вина на ВМРО. Ма и законот за пушачи што сега намерно се актуелизира, за да не се зборува за даноциве, е исто вина на Груевски. Да не го забранеше тој пушењето по угостителските објекти, сега Заев немаше да може да го врати по старо! Лош Груевски лош!

1.500 денари за фотографирање во црква!

Попот што го вовел ова рече: Тоа е волја на Бога!

Во една реченица прекрши најмалку 4 Божји заповеди. Ефикасно, дури и за поп.

Ново „Пржино“ во близина на Париз

И додека јавноста се замајува со тоа дали Груевски ќе биде на чело на ВМРО ДПМНЕ, дали пушачите ги убиваат непушачите, дали постои секундарно пушење, колку пари треба да се плати ако црквата е сликана од поголема дистанца итн инт. на Македонија и се спрема ново Пржино во Париз. Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл за макеоднските медиуми соопшти:

- Станува збор за испробан начин да се повикаат лидерите на сите парламнетарни партии во куќата на Жан Моне близу Париз и низ отворен и конструктивен разговор, без присуство на медиуми и камери...

Значи, уште еднаш оние кои ние ги избравме, ќе седнат заедно со некои други, кои ние не ги знаеме, и ќе се догововар нешто за нас, без ние да знаеме или бидеме информирано додека не е предоцна. А и да бидеме информирани, што ќе направиме? Кој ќе не брани? И сето ова само неколку дена откако Груевски, повторно храбро се сврте кон народот, кон традицијата? Се зеза човеков со гласачите и членството или сериозно не знае што прави? Од друга страна, ова е сосема очекуван потег од страна на СДСМ и сите албански партии. Тие и онака секогаш за секој катастрофален потег се повикувале на странците. Не сме ние криви, не натераа. Од 1990 до денес.

Би пишал и за ФК Вардар и Сосиедат, Победа, Работнички, ама доволно е за еден текст. Барем ЖРК и РК се екстра... сега за сега. Уживајте ги уште оваа сезона, догодина ќе се радуваме на некоја победа у СЕХА.

Автор: Пацифист 

Накитен град – тажен народ

Покрај политичките трилери во државава, деновиве на тема дојде и украсувањето на Скопје и новогодишниот мини-фестивал на плоштад „Винтерленд“ односно „Винтерфест“. Исто така, излезе и информацијата дека скопјани годинава ќе ја дочекаат Новата година со „Парни ваљак“.

И како и за сѐ друго, ниту за ова не ни се погодува. Кога градот не е накитен – зошто не е? Кога е накитен – зошто толку многу?

Ние сме ти родени контраши.

Паралелно со овие вести, прочитав на еден странски сајт, дека постои американска студија која вели дека оние што имаат празнично украсување во домот се посреќни отколку оние што не го прават тоа и дека сјајот и магијата околу празниците придонесува за подобро расположение.

Ако Скопје е нашиот дом, кој сега е украсен и има за цел да нѐ обвитка со магија, како тоа тие што живеат во тој дом не се среќни?

Не знам дали ги набљудувате луѓето околу вас во автобус додека одите на работа или за време на појадок некаде надвор, или дури за време на прошетка... Ако не сте, направете го тоа макар еднаш, за жал ќе забележите дека насмевките се реткост.

Заборавивме да уживаме во магијата, затоа што одамна и ја нема. Има грд и загаден воздух, има грижи, има политичка нестабилност, има неправда, има сиромаштија, кај некои има и богатство за волја на вистината, има и разлики, има лицемерие...

Се прашувам, дали луѓето сѐ уште посакуваат желби кога доаѓа Новата година или кога им е роденден? И ако да, што ли посакуваат? Посакуваат ли уште љубов, среќа и здравје или тоа се веќе излитени фрази чие вистинско значење се заборава или занемарува, па се вклучува по потреба, па ги заменуваат желбите за поголема плата, вработување, патување, автомобил... Нѐ направи ли реалноста сурови материјалисти или трагачи по магијата?

Велат декември е најбрзиот месец, а јануари најбавниот... Тоа секогаш ме асоцира на она дали касата од спротива работи побрзо, или другиот ред на граница се движи побрзо... Илузијата дека декември поминува бргу ни е затоа што веројатно трошиме повеќе пари, во декември се гледаме со сите што цела година не сме се виделе, сѐ се случува во декември... Нестрпливи сме да се збогуваме со сѐ што не го сакаме, како новото утро да ќе смени сѐ.

А јануари е бавен и тежок, како и секој нов почеток со стари проблеми...

Декември можеби се смета за најмагичниот месец, највеселиот, но всушност е еден од најтажните. Тогаш многу често сме соочени со тоа што ни недостасува, во било која смисла и да сакате.

Изминативе две години градот Скопје реши да донира средства за хуманитарни цели и да не троши пари на прослава. Сега ќе ја имаме повторно. И секако, повторно не можеме да се согласиме дали тоа ни е во ред или не.

Да, супер е да се донира, но за тоа може и да поднамалите со некоја зграда, или секој од политичарите да одвои дел од својата плата, или да намалите со концертите на Цеца, Брена и ѕвезди од слична или иста категорија, за кои се одвојуваат ненормални суми, или да се смислат други бенефити за загрозените категории... Зошто на народот да му се одземе шансата да излезе од домовите на 31 декември и да се забавува бесплатно? Добро, не е сосема бесплатно, но некому е единствена шанса да не биде сам, или да не биде дома...

Прослава може да се организира и со домашни артисти, кои штом толку си ја почитуваат државата и народот, веројатно можат и да скратат некое евро од новогодишните суми и да бидат дома меѓу своите. Па, секогаш потенцираат колку нѐ почитуваат и сакаат како публика, дека без нас не би биле ништо...

Не знам колку Град Скопје ќе потроши на „Парни Ваљак“, но сепак се радувам што можеби макар на една вечер Скопје ќе биде град во кој народот ќе се забавува и ќе има насмевка. Некој некого ќе прегрне. Некој некого ќе запознае. Некој некого можеби ќе преболи, а друг ќе се вљуби...

А рековме, јануари секако ќе биде тежок...

Бети од трети

„Жолтите елеци“ од Франција доаѓаат да протестираат против промена на името во Македонија?!

Јас и мојата генерација пораснавме со бајки. Не знам како денеска растат децата, но во тоа време беше нормално да веруваш дека принцезата ќе се разбуди ако ја бакнеш, дека жабата ќе се претвори во убав принц, Пепелашка ќе стане принцеза... Доброто секогаш победуваше, но тој розов свет не е реален. Па така сите ние сфативме дека Тарзан нема да ја покори џунглата, Аладин џабе ја трие ламбата, а Супермен е само имагинација на креативен автор. Сепак, дел од нас сеуште веруваат дека на крајот доброто победува и дека секој го добива заслуженото. Токму затоа ми е тешко да пишувам последниве неколку месеци. Не дека пред тоа беше розево, но сеуште имав верба во народот, надеж дека нема да дозволиме да не избришат. Велат надежта последна умира, но кај мене истата секогаш се потпирала на логика на нештата. Кога ќе снема логични објаснувања како ситуацијата може да се промени, кога се оди контра посакуваниот терк, и надежта заминува.

Роден сум во една друга држава. Лоша или добра, во неа имаше јасно определени вредности. Се знаеше што е добро, а што лошо. Што е нормално, а што ненормално. Откако таа држава ја снема, се распадна и тој систем, па лудилото започна. 27 години подоцна, ние како општество врска немаме што е нормално, а што не. Кога нема јасна граница меѓу доброто и злото,  секогаш злото владее! Така е и кај нас, од 91 до денеска. 27 години народот е изненаден од своите грешки, но никако да превземе нешто да ги поправи, па на власт видовме секакви мафијаши, полуинтелектуалци, профитери, лажговци... Затоа денеска сме далеку од развиениот свет и толку посакуваната ЕУ. Затоа денеска сме далеку од нормалниот живот. Нема нормален живот во ненормална држава.

Во нормалниот свет нема приватизација како онаа кај нас во деведесетите. Нема олигарси кои глумат хуманитарци, а парите ги украле од народот накој сега демек му помагаат. Во нормална држава нема „Рамковен договор“. Да, малцинстават имаат права, како што и кај нас Албанците требаше да имаат без војна и договорот од Охрид, но преправање на преамбула под притисок од 200 души со калаши во планина, НЕМА! Во нормална држава нема менување знаме и устав под притисок на соседна држава, нема барање за влез во ОН под „времена“ референца. Нема откажување од малцинство. Не, не е нормално цела држава да ти биде прислушкувана, а разговорите магично да се најдат кај опозицијата. Во нормална држава при таков развој на настаните, премиерот, министерот за внатрешни и директорот на УБК под итно си даваат оставка, а Заев се апси, за да не се дозволи доаѓање на власт на таков начин. Но, кај нас ете се случи спротивното. Зоки ни е премиер, а Груевски си кидна. Во нормална држава нема „Пржински договор“, затоа што ниту еден од политичарите нема мандат од народото за нешто такво. Нема неуставно СЈО и Катица Јанева. Во нормална држава жена која не знае да прочита текст не може да заврши факултет, а камо ли да биде обвинител, специјален или не. Во нормална држава уставот е светост и секој кој го крши мора да одговара. Без разлика дали сакал да амнестира или да носи неуставни закони. Во нормална држава нема „Тирански платформи“, уште помалку премиер кој не признава дека истата постои, но работи на нејзино исполнување. Нема носење закони под евроспко знаменце во парламент чии претседател е „избран“ надвор од секоја законска рамка. Нема консултативен референдум за најважното прашање, ниту „видливо мнозинство“ по јасен одговор на народот. Во нормална држава промена на име, устав, историја, идентитет не се теми на кои воопшто се разговара. Нема тука дискусија, нема простор! Не дека таму нема политичари кои не би направиле барем половина од овие глупости, за личен профит. ИМА! Ама не смеат! Прво, затоа што институциите нема да дозволат. За разлика од кај нас, во развиениот свет институциите не се исполитизирани до корен. Таму судиите се судии, не се полтрони. Уставниот суд го штити уставот, за разлика од кај нас. Но, дури и да кикснат институциите, таму има народ што ќе го брани своето. Ќе си ја брани државата од оние кои залутале на власт! Ќе го брани своето што им го оставиле генерации пред нив, место да верува во лаги за пдобро утре, кое е јасно дека не може да дојде во НЕНОРМАЛНА држава! Никој во нормалниот свет нема да продаде се што има, за шака лаги од докажан лажго, аболициран политичар, бескичмењак, црпнат, воајер, канибал.... кој ете во моентот е премиер. Ама ние не сме таму. Не сме ние во развиените. Не само како држва, туку како народ. Сме имале ние војводи, кралеви, комити... но, сега нема. Па не е тоа доволно, туку сега и ќе ги избришеме и од историјата. И додека во Франција, па и низ други делови на Европа, траат протестите на „Жолтите елеци“ како доказ дека државата секогаш му припаѓа на народот, без разлика које  на власт, кај нас многумина се бунат за оние 100 луѓе пред собрание што им го реметат сообраќајот! Поважно ни е да стигнеме до дома 20 минути побрзо, отколку име, идентиет, историја... Повеќето би да името не се смени, ама ако може да дојдат Французиве да протестираат и тука малку. Ние зафатени сме.

За трагедијата да биде уште поголема, и кај нас има ФБ група „Жолти елеци, Македонија“, ама немало да се буни за смена на власт или за промена на име, устав, историја, идентитет. Они ќе си протестирале само за ГМО и загаден воздух! Прво тоа да решеле! Сеа не знам, дали мислат дека до 15ти Јануари можат да го изчистат воздухот за секогаш или не знаат дека после 15ти Јануари е џабе да се протестира за името, бидејќи се ќе биде готово. Еве ја не знам! Мада ми личи дека малку на глупи се праат, слично на Шаренине кои се дограбаа до фотељи, па само дигаат рачиња кога Зоки ќе им каже. Не им пречи сеа воздухов, ни ГМО, сечење на дрва низ Скопје и на Водно, ни промена на име, идентиетет... Ма сега им се другари сите од ВМРО кои гласаа за отварање на уставот. А имаа шанса да докажат дека не биле платеници за рушење на „режимот“, дека навистина беа револуција, но.... Така ми се чини и приказнава со нашиве „жолти елеци“. Ајде да се обединиме, ама само за ГМО и воздухот, другото после. Кога се ќе заврши и нема да биде можно да се врати.

Бајките оддамна завршија, Супермен никад не се појави, а рекордот на првиот „Таразан“ го Сруши Мајкл Фелпс! Сепак, дел од нас сеуште веруваат дека на крајот доброто победува и дека секој го добива заслуженото, но кој рече дека не го заслужуваме токму ова?

Автор: Пацифист

СЈО играриите со притворот на Мијалков може скапо да не чинат сите, а најмногу судот кој одработува

Специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова може да има многу желби! Желби рој, ама, за тие желби да станат реалност, некој треба и да ги исполни, да ги реализира. Во случајот со новоопределениот притвор на Сашо Мијалков, желбите на Лиле ќе не чинат сите скапо, а посебно судот, кој „одработи“ без приговор.

Да ве потсетам, Лиле Стефанова е истата обвинителка, која, откако дојде од Радовиш во Скопје, ја запозна јавноста по неколку бомбастични случаи, како „Ликвидација“, „Шпион“, по еден помалку познат со неутврден идентитет за еден мигрант, за кој си играа пинг-понг со тоагаш судечката судијка Весна Димишкова, со која сега гледаме дека се во „љубов“.

Не ви ја споменувам Лиле случајно, зашто за „Ликвидација“ во кој беше притворен новинарот Томислав Kкежаровски, поминавме значајни денови на протести, маршеви, на еден колку што се сеќавам, дојдоа и Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Тито Петковски или цел тогашен СДСМ, а сега Влада. Но, не протестиравме за поддршка на Лиле Стефанова, туку напротив за нејзините (не)законски постапки. Обвинителката стефанова, која сега е дел од СЈО, деновиве пак е во фокусот на вниманието, со постапки кои се граничат помеѓу правното и здраво-разумското расудување, а се се сведува на калкулантство, кое само може да му штети на македонскиот правен систем, каков и да е тој.

На 9 ноември, на предлог на Стефанова, беше определен притвор за 5 лица во случајот „Империја“, каде што второобвинет е Сашо Мијалков. Таа ноќ, која заврши околу 3 часот наутро со определените притвори, Сашо Мијалков не беше ниту повикан на распит, а не пак да му биде определен притвор.

Се сеќаваате, во деновите подоцна и Катица Јанева и Лиле Стефанова, не уверуваа дека нема потреба за притвор кај Мијалков, бидејќи има доволно гаранции (јавување во суд и одземен пасош). Но, 10 дена подоцна, Саш Мијалков заврши во затвор поради „опасност од бегство“ и затоа што имал имот од 8 милиони во земјава и 3 во странство, на сметки на други лица, блиски до него!?

Во 21 век, со цела апаратура на истражни органи, агенции и меѓународна помош од домашно и меѓународно финансиско разузнавање, да дојдете со ваков предлог дека „парите на комшиите се на Мијалков“, секој сериозне судија треба на клоци да ги исфрли обвинителите преку прозор, за да не им текне втор пат да се осмелат да предложат нешто слично.

Посебно што, притворот го бараат на судење кое е во тек и каде што сите мерки за претпазливост се почитувани.

Тука, судијката Џенета Бектовиќ, која 2 години не го почнуваше судењето, зашто чекаше да узреат „црешите во Грција“ паралелно со екстрадицијата на Горан Грујевски и Никола Бошковски, преку ноќ го прифати предлогот и оцени дека ќе бегал, небаре парите Мијалков ги стекнал „вчера“ а не кога било познато обвинението и тоа било познат факт.

Против Мијалков е покренат обвинителен предлог, но бидејќи Таргет и Тврдина се споени, малку похрабри правници имаат дилема дали судијката Бектовиќ, која суди во Совет, можела сама да го донесе решението, вон претреес, на непроменети околности, а плус на крајот под решението да се потпише пак како Претседател на совет?!

За оваа правна дилема можеби ќе гукнеше нешто Кривичниот совет на Апелациониот суд до кого Бектовиќ му даде право на жалба на Мијалков, но вчера му го ускрати тоа право.

Во овие 10 дена, адвокатите на Мијалков поднесоа жалба, предметот стигнал во апелациониот суд, бил даден на милење во СЈО кај самата Лиле Стефанова (најголемиот дефект во Законот за СЈО, немање на двостепеност во постапувањето од различен обвинител) и кога се очекуваше на почетокот на оваа седмица да биде закажана јавната седница и да се разгледа жалбата Џенета Бектовиќ, на предлог на Лиле стефанова го укина решението за притвор, но Мијалков не излезе на слобода, макар и формално на 1 минута помеѓу едно и друго решение, зашто се побара негов притвор, по повеќе основи за „Империја“.

Предметот, за кој реков дека и Јанева и Стефанова не убедуваа дека е покриен со мерки, но, сега покрај опасноста од бегство, притвор е определен и за влијание врз сведоци. Што би рекол еден избеган политичар, да сакал Мијалков да влијае на сведоците, ич немал време да го стори тоа од 9 до 20 ноември, па моорал да падне во затвор, за да се сетат дека може да влијае на сведоци?!

Но, да ги разгледаме желбите и честитките што Лиле ги испорачала, а судот, иако не смеел своерачно ги прифатил и потпишал.

Во време кога предметот е по жалба пред Апелациониот суд, и кога нема списи пред себе, судијката Џенета Бектовиќ ниту можела, ниту смеела да носи решение со кое го укинува притвор. Посебно што и таа и Стефанова знаеле дека судот во краток рок ќе одлучува по жалба и на ваков начин му ги врзале рацете и направиле жалбата да биде беспредметна.

Но, сега Апелациониот суд треба да најде сили, да одлучи мериторно, да ги констатира повредите во решението на кои се повикува одбраната, бидејќи тие се важен сегмент за евентуална постапка во Стразбур.

На ваков начин, се минира работата на Апелациониот суд, се покриваат сопствените грешки, па излегува дека секој може да биде притворен за било што, а тоа решение да не биде контролирано во судска постапка (задолжителен втор степен) што е класична злоупотреба и основ за одговорност и за судијката и за обвинителката. Правото на жалба е неприкосновено, истото не може да се ограничи, но во овој случај, Џенета Бектовиќ го сторила токму тоа.

И сетоа тоа се случувало во саботатта, на речиси 5 минути пред очекуваната одлука на Апелациониот суд.

Па, откако Мијалков бил на фиктивна слобода, ама чуван со специјалци во судот, на ново барање на СЈО, преку истата Стефанова бил изведен и распрашаан пред судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која доцна по полноќ, во саботата кон неделата му определила притвор за „Империја' поради опасност од бегство и влијание на сведоци.

Значи, во Таргет-Тврдина веќе нема да бега, ама ќе бега во Империја?

И двете судијки и двете решенија се донесени во сабота, во нерабтен ден и време, иако ништо не укажувало на итност, ниту истекувал притворот со час и датум, ниту имало потреба да се изведат било какви дејствија, што би оправдале итност во постапувањето (итноста во постапување по притворски предмети овде не може да биде императив за преземање на вакви дејствија).

Фалелео само уште да свикаат и Кривичен совет ноќта кој ќе ја потврди одлуката за се да биде наместено, подмачкано, па дур пропеат први петли, да бидат спакувани сите решенија.

Да сме на чисто, секој треба да одговара за тоа што го направил, ако го направил. И мене ми се исправа коса на глава кога ќе го слушнам името на Сашо Мијалков. бидејќи сум еден од дузината новинари кој многу месеци незаконски, без никаков налог сум бил прислушуван од УБК под негово водство, но тоа не значи дека не треба да реагираме и да се бориме за почитување на процедурата до остварување на правдата.

Без процедура како светост, не може да има правда!

Затоа, апелациониот суд во Скопје, сега треба да се одважи и со мериторна одлука да им одржи една „воспитна“ лекција на судиите од единица, бидејќи ваквата злоупотреба на правото не може да се толерира. Овој преседан може да стане правило, бидејќи сега СЈО си најде судии сојузници кај кои им поминува дека и „магарето лета“, но токму тоа треба да биде аларм дека треба итна и поширока реакција од стручната фела за враќање на правото преку процедура. а Судскиот совет, еве му идеална шанса, по службена должност да испитува нестручност и несовесност кај судиите.

Сведок.орг.мк

Популарно